Вечерва, со проекција на филмот „Часот на рисот“, од режисерот Сорен Краг-Јакобсен, во 20 часот и официјално, ќе започне Фестивалот на современ дански филм во Кинотеката на Македонија, чие свечено отворање беше предвидено за синоќа. Публиката ќе има можност да проследи вкупно шест филма до 11 ноември, а на програмата се: „Долга кратка приказна“ на Меј ел-Туки (7 ноември), „Природно растројство“ на Кристијан Сондерби Јепсен
(8 ноември), „Посвета на љубовта“ на Михаел Ноер (9 ноември), „Розита“ на Фредерике Аспек (10 ноември) и „Ќерката на вештерката“ на Кенет Каинз (11 ноември).
– Современата данска кинематографија, во овој избор претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет години, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење „Догма 95“. Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот на ова авангардно филмско движење, секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата. И, останале ли „догматиците“ верни на својата догма? Секако дека не! „Догма 95“ не само што не е проглас со железни правила на снимање туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот – посочи филмскиот критичар Стојан Синадинов.
Тој исто така потсетува дека движењето е основано од режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг, кои ги објавуваат „манифестот“ и „Заветот на чистотата“ и истакнува дека воопшто не е случајно што „Догма 95“ е претставена во 1995 година (на 22 март) во париското кино „Одеон“, по повод стогодишнината на филмот.
– Наскоро ним ќе им се придружат и сонародниците Кристијан Левринг и Сорен Краг-Јакобсен, а движењето подоцна добива интернационални рамки, од Чиле и Аргентина до Јужна Кореја. Во следните десет години се снимени триесетина филма според правилата на „Догма 95“, „Спроти брановите“ на Фон Трир и „Прослава“ на Винтерберг, кои се сметаат за највпечатливи изданоци на ова движење – вели меѓу другото Синадинов.
Тој укажува и дека македонската кинематографија исто така има еден догма-филм, „Боли ли?“ на Анета Лешниковска, кој е и прв балкански догма-филм, во кој играат актерите Игор Џамбазов, Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Висар Вишка, Милијана Додевска….
Фестивалот на современ дански филм обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелата доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.