Младинскиот културен центар најави премиера на претставата „Црнила ремикс“ по идеја и режија на Јордан Симонов во рамки на осмиот фестивал „Здраво млади“ кој ќе се одржи на 1 септември.
– „Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на „Зад аголот“ не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата, соопшти МКЦ.
Музиката и препевот се на Дарко Димитриески и Павле Димковски од „Зад аголот“, сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а улогите ќе ги играат: Стефан Вујисиќ (Луков), Александар Михајловски (Фезлиев), Владимир Петровиќ (Иван), Горан Ников (Методи), Ненад Анѓелковиќ (Младичот), Сања Арсовска (Неда) и Павле Димковски (Христов).
На годинашниот фестивал „Здраво млади“ ќе настапат изведувачи од САД, Англија, Ирска и Србија, а од Македонија учесници ќе бидат „Палиндром“, „Donplaya X Bon Praskiza“, „Druggy“ и „Ogie x Petr“. На еднодневниот фестивал што го организира МКЦ ќе има и пладневна програма за најмладите со настап на 5+ Бенд.
Билетите за фестивалот може да се набават во продажната мрежа на МК Тикетс и на билетарницата на МКЦ.