Францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман утре ќе одржи самостојна изложба на графики – цијанотипии „Време е за чај” и музички перформанс во галеријата „Остен“ со почеток во 20:20 часот.
Циклусот „Време е за чај” е серија на цијанотипии, специфичен фотографски графички процес со кој се продуцираат цијано-сини графики.
Како фотограф на аналогна фотографија, Рулман ќе се претстави со 30 цијанотипии – како омаж на оваа техника (1842 г.), преку кои ќе покаже како да се направат копии од растенија како хербариум. Се работи за мешавина од сликарство, фотографија и геометрија.
Уметникот ќе изведе музички перформанс со генерирање на музика од македонски цвеќиња на отворањето на изложбата.
Рено Рулман е роден во Ним, јужна Франција во 1982 и е аналоген фотограф од 2008 година, кој има специјализирано на музичка фотографија и архитектура. Во текот на 10 години, тој работи со неколку мизичари, брендови и простори во музичката индустрија и соработува со градители и креатори на стара органска архитектура. Користи стара техника на црно-бели филмови со Хазелблад (Hasselblad) и Контакс (Contax) фото-апарати и е посветен на создавање на цијанотипии со кои создава архива на растенија со кои ја зачувува убавината на природата.
Тој создава и музика од 1998 и со „Звуците на природата” развива проект со кој преку звук се сензибилизира комуникацијата со вегетацијата. Тој создава хербален звук со поврзување на растенија во живо, за да ги прикаже и валоризира терапевтските и медицинските можности на растенијата.