Вечерва во киното „Мис Стон“ започнува четвртото издание на интернационалниот филмски фестивал на краток филм „Винтер Априкот“.

На отварањето на фестивалот од 21 часот ќе настапи еден од најквалитетните етно состави од Македонија, групата „Баклава“. Претходно, во соработка со италијанскиот фестивал „Фуори Формато“ филмската програма ќе ја отворат кратки танцувачки филмови, со почеток од 18 часот.

Филмската кулминација фестивалот ќе ја достигне утревечер (петок) и сабота. Утревечер од 18.30 часот ќе бидат прикажани осум кратки филмови во таканаречената „Балканска Селекција“, додека од 20.30 часот ќе биде прикажана и првата половина од главните финалисти во „Офцијалната селекција“.

На последниот фестивалски ден, во сабота со почеток од 18.30 часот, ќе бидат прикажани седум македонски кратки филмови, за коишто публиката со гласање ќе го избере најдобриот. Потоа во 20.30 часот следува втората половина од „Офцијалната селекција“ со уште шест кратки филмови.

За крај во сабота во 22.30 часот ќе бидат прогласени победниците на годинешното издание, а настанот ќе го затвори уникатниот инструментален рок-блуз состав, групата „Филч“.

Одлуката за најдобар филм, ќе ја донесе тричлено жири во состав: Перла Сардела, Ана Опачиќ и Жарко Иванов. Во петок и сабота во пладневните часови ќе се одржи и филмска работилница на тема „Филмска Критика“, со доајенот на македонската филмска критика, Влатко Галевски.

И оваа година „Винтер Априкот“ останува максимално досатепен за сите граѓани со тоа што влезот на сите настани ќе биде бесплатен.

Ка.М.