Проблемите што долги години го исцрпуваат нашето општество несомнено оставаат сериозни и болни траги, а таа состојба бара од уметниците критички однос. Ова е тема на изложбата „Молк за…“ во МКЦ
Третото издание на проектот „Поместени граници“, организиран под покровителство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, годинава тематски се реализира под насловот „Молк за…“. На изложбата се претставени дела на Андреј Митевски („Стоп“), Моника Мотеска („Од циклусот Мутанти“), Никола Узуновски („Знам…“), Ремијон Проња од Албанија („Ан ди фројде – Нушид Алфарах“), Нехат Беќири („Леб“), Зорица Зафировска („Галерија на отстранетото, отфрленото, изгубеното и повторно најденото“), групата „Опа“ („За ова ли се боревме?“), Софиа Григориаду од Грција („Бешамел“) и Антонио Пирковски и Лени фон Гелева со танцовиот перформанс „Сигнали #004“, на кој настапуваат Лени фон Гелева и Нил Хохенер од Швајцарија.
– Оваа изложба настојува да нѐ соочи со неколку различни пристапи на уметниците кон повеќе аспекти на сѐ посложеното секојдневие и живеење. Нивната сложеност се доживува, пред сѐ, како и поради стандардите и вредностите што исчезнуваат, а оние новите, сменети и изместени, како сѐ уште да не успеваат да го поедностават истото тоа секојдневие. Дополнително ваквата сложеност е обременета и со сите оние долгонајавувани, предвидувани, ветувани, но неостварени очекувања од промените што завршуваат во своевидни видливи и невидливи парадокси – вели Александра Зиновска-Вилиќ, кураторката на изложбата „Молк за…“.
Според неа, проблемите што долги години го исцрпуваат нашето општество несомнено оставаат сериозни и болни траги.
– Таквите траги во една насока создаваат нужност од отворено противење, а во друга потреба за внатрешно повлекување, но и двете покажуваат неодложност од и за промена на таквата состојба, токму поради сѐ поголемата свесност дека и молкот не ги решава ваквите состојби. Критиката и критичкиот однос кон таквата состојба се местото од каде што уметноста ги црпи својот мотив и својот творечки поттик – вели кураторката.
Циклусот „Мутанти“ на Моника Мотеска претставува серија од цртежи што предизвикуваат контрадикторни чувства, од една страна гадење, а од друга емпатија.
– Тоа е страв и фасцинација од грдото и убавината на реалниот свет, кој со себе носи разни диверзитети. Инсталацијата е составена од објект (јајце од ној) земен како готов производ на природата, обвиткан со коса, која пак е биолошки материјал создаден од човекот, и цртеж на пластична кукла-бебе, која ја оживувам со човечка коса, со што станува бебе-мутант. Јајцето е носител на витална енергија, совршена форма, но не знаеме што се крие внатре сѐ додека не пукне и не се отвори. Мутацијата е процес што се случува постојано. Сведоци сме на нуклеарни проби, загадување, генетски модифицирана храна, генетски експерименти. Ќе станеме ли бесполови суштества како јајцето и бебето во моето дело. Симулирајќи живот во јајцето и оживувајќи ја куклата како да создавам еден генетски експеримент. Ние не сме нешто издвоено што ги гледа промените како набљудувач туку дел од овој свет и тие не нè заобиколуваат.
Ако молкот го претворам во крик, ова е мојот крик за живот – вели Мотеска.
Никола Узуновски со делото „Знам…“, комбинирајќи агресивен концептуален јазик со интимни теми, го провоцира гледачот и го претвора во неопходен централен лик во неговите дела. Делото посочува кон системите за набљудување и анализа присутни во дигиталните медиуми и потребата да се преиспитува како тие можат да бидат употребени за контрола.
Ремијон Проња, пак, претставува видео на кое се прикажани ученички во училница во Медресата во Тирана, кои под раководство на нивниот наставник по музика ја пеат химната на Европа на арапски јазик, кој стереотипно е разбран како непријателски кон западниот свет. Во 1990-тите години, албанската верзија на оваа химна станува официјален дел од наставните програми во училиштата. Проња со ова дело ги преиспитува културните и политичките преклопувања, открива различни и контрадикторни форми на усогласувања низ кои неговата татковина минува во последните децении.
Зорица Зафировска претставува лична галерија на дела што не постојат, изгубени се или не ѝ се вратени на уметницата. Оваа галерија содржи информации за временско патување на некои дела од институција, галерија или личност до уметникот. Според авторката, оваа лична галерија на ефемерното, постојното и непостојното има цел да вклучи и дела од други уметници и да прерасне во меѓународна дигитална галерија на дела што не постојат повеќе.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 4 мај, во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје.