Изложба на годината
Кога се вратил во Америка, Адамич ја напишал книгата. Го видел она што го гледале и југословенските уметници – земја на работ, земја на контрасти, фатена меѓу новото и старото, со чувство за скорешен крај
Во 1934 година во повеќе југословенски весници можело да се прочита интервјуто со новинарот од Сплит, кој тврди дека Луис Алојз Адамич во текот на својот престој во Југославија ги гледал селата на среќните селани што не го кријат ентузијазмот кон кралот Александар и неговото владеење. Интервјуто го објавила државната агенција „Авала“, а го пренеле режимските весници. Неименуваниот новинар не постоел. Лажните вести не му биле туѓи на режимот на кралот Александар Караѓорѓевиќ.
Харизматичната и контроверзна личност на Луис Адамич, писател и новинар, се провлекува низ целата изложба „На работ. Визуелната уметност во Кралството Југославија, 1929-1941 година“ отворена во Модерна галерија во Љубљана. Адамич ја пишувал книгата „Нејтивс ритрн“ за ситуацијата во тогашна Југославија од перспектива на човек роден во оваа земја, но кој веќе долго време живее во Америка. Неговата книга била бестселер во Америка. Тоа била највлијателната книга за Југославија во тоа време, повеќепати распродадена и повтoрно печатена, а познатиот критичар Џон Чемберлен во „Њујорк тајмс“ напишал дека станува збор за книга за која „никој не може да си дозволи да не ја прочита“. Во Југославија, пак, била забранета за поседување и читање, ако ја имате дома можете да добиете две години затвор, а за нејзина дистрибуција и до десет.
Изложбата „На работ. Визуелната уметност во Кралството Југославија, 1929-1941 година“ на која нејзините автори работеа последните пет години го следи периодот од почeтокот на диктатурата до почетокот на Втората светска војна на југословенска почва. Може да се видат слики, скулптури, графики, цртежи, фотографии и филм, дела на повеќе од 130 уметници од педесетина јавни и приватни колекции од зeмјите на поранешна Југославија. Тоа е наедно и прва ваква опширна изложба на темата „Кралството Југославија“.
Главниот кустос на изложбата Марко Јенко појаснува дека класичниот историско-уметнички пристап во контекст, кој се обработува, едноставно не е доволен.
Зденка Бадовинац, директорка на Модерна галерија од Љубљана, предупредува на неколку важни аспекти поврзани со темата со која се занимава изложбата. Еден е важноста на темата во денешниот ревизионизам.
– Триесеттите години на минатиот век, кои се во фокус на нaшата изложба, повикуваат на споредба со денешната политичка и социјална ситуација. Но да се споредува денешното време на глобално ниво со политичкиот мрак на 1920-тите и 1930-тите години може да наведе на погрешна трага и всушнoст да служи во интерес на политичарите, со други зборови да придонесе за пораст на популизмот. Едно од темелните прашања што се поставуваат со изложбата значи е: Што видел Луис Адамич? – вели Бадовинац.
Адамич, зеленоок маж во портокалов костум, со портокалова вратоврска и во жолта кошула, како што е прикажан на сликата на српскиот сликар Петар Добровиќ, а која исто така може да се види на изложбата, патот го започнал во април 1932 година, кога со сопругата Стела се качил на бродот „Сатурнија“ во Њујорк за во мај да стигнат на далматинскиот брег. Адамич бил роден во сиромашно семејство од село во Словенија со 13 деца. По завршени три класа гимназија се сели во Америка. На почетокот живеел во Сан Педро како физички работник, а потоа полека станува дописник, писател, преведувач, и се сели во Њујорк, каде што пишува на четири јазици. Таму ја освоил и Гугенхајмовата стипендија во износ од тогаш мошне добри 2.500 долари и одлучил да ја искористи за да се врати во татковината и да напише книга. Од „Гугенхајм“ немале ништо против, единствената забрана на оваа стипендија била дека не смее да се користи во политички цели.
За оваа изложба е важно и дека Адамич во текот на својот престој се сретнал со многу интелектуалци, на Блед престојувал со група млади новинари и писатели, новинари од Белград, Сараево и Загреб го посетувале секојдневно, во Дубровник го насликал Петар Добровиќ, а во овој град се спријателил и со сликарот Максимилијан Ванка со кој станал добар пријател. Во Загреб, во кафулето на Илица се сретнал со Иван Мештровиќ, подоцна ги запознал Милка Трнина и Мирослав Крлежа, за кој напишал дека е еден од најмоќните книжевници на светот.
Секаде каде што ќе се појавел го дочекувале со големи почести, а самиот напишал дека му се чини дека сликата за неговиот успех во Америка во Југославија е малку преувеличена. На изложбата во Љубљана успеале да реконструираат каде сѐ се движел, што не било лесно затоа што тој често ги менувал плановите. Се сретнал и со кралот Александар во Загреб на дваесетина минути, но брзо по оваа средба решил да се врати во Америка.
Имал чувство дека го следат тајните служби и како што подоцна се потврдило – бил во право. Подоцна напишал дека Александар во живо бил „шармантен човек како многу автократи и тирани“. Книгата, како што тврдат хроничарите, не е сосема верна во смисла на податоците, но самиот Адамич намерно својот патопис го претворил во лична приказна полна со топли човечки детали, бидејќи верувал дека таквиот начин на пишување најмногу се чита. Верувал дека со книгата ќе привлече десетици илјади туристи. Затоа и лобирал насекаде, се занимавал со пиар, очигледно успешно бидејќи сите за книгата пишувале.
Но сликата што ја опишал во својата книга не била ни малку ласкава. Адамич го видел она што јасно можело да се види во уметноста, особено онаа свртена кон социјалните прашања, земја на работ, земја на контрасти, фатена меѓу новото и старото, со чувство за скорешен крај. Таму пишува дека илјадници луѓе се во затвор затоа што веруваат во демократија, слобода, економска правда, дека секој град е преплавен со тајни агенти, сите уредници и новинари се под строга цензура, а јавните собирања, освен оние што ги наметнува диктатурата, се забранети, дека среќавал луѓе што шепотат дури и за секојдневни теми…
Токму тие социјални теми, таа беда, тага и јад, ги сликале многу тогашни уметници. На пример, делото „Исхрана“ на Маријан Детони од 1935 година, која покажува мноштво изгладнети луѓе како чекаат во ред за јавната кујна, сликата „Поплава“ на Крсто Хегедушиќ во наивен стил, „Децата на улицата“ на босанскиот уметник Роман Петровиќ од 1933 година. Централна слика на изложбата сепак е „Уредништвото на списанието Денес“ на Петар Добровиќ. Претставен е Мирослав Крлежа како претседава со состанок, а во заднина е самиот сликар и уште некои други познати личности од тоа време. Оваа слика е клуч за целата изложба затоа што тука се гледа конфликтот на левицата што започнал со надреалистите.
Што се однесува до самиот Адамич, за неговата насилна смрт во 1951 година, кога имал 53 години, не е утврдено дали е резултат на злосторство или на самоубиство.