Весна Дамчевска
специјално за „Нова Македонија“ од Битола
„Браќа Манаки“ е еден од двата фестивала посветени на кинематограферската работа во филмот, покрај оној во Полска, каде што главно се презентираат високобуџетни филмови, така што со право можеме да кажеме дека Битола го има приматот кога станува збор за фестивали што го наградуваат снимателскиот придонес. Годинава во селекцијата на главната награда „камера 300“, како што кажа Благоја Куновски-Доре, селектор и уметнички директор на фестивалот, се вклучени филмови со експлозивна визуелна динамика што ги одразува и надградува идеите на сценаристите и режисерите. За начинот на одлучување, вчера во Битола зборуваа членовите на стручното жири, кое ќе го предводи Едвард Лакман од Соединетите Американски Држави, а во негов состав се и Ненад Дукиќ од Србија, Доминик Велински од Франција, Калојан Божилов од Бугарија и Фејми Даут од Македонија.
– Отсекогаш знаев за овој фестивал, од моите колеги кинематографери, па чест ми е што сум поканет. Ќе дојдев и да не бев. Критериумот по кој се одлучува кога станува збор за овој тип награда, што се доделува за фотографијата во филмот, а не и за филмот во целина, е многу тешко да се одреди. Всушност, треба да ги одвоите приказната, глумата, сѐ друго, од сликите, а тоа не е едноставно. Сепак, се надевам дека сите ќе се водиме со фокус на кинематографскиот придонес – рече Лакман.
И Дукиќ се согласи дека не е толку едноставно да се одвојат работите, но дека сепак никогаш кога се наградува еден филм за сценарио, актерска игра, режија или слично, тој филм и во целина не може да биде лош.
– Така, за нас ќе биде најважно сепак да го препознаеме квалитетот на фотографијата во најдобрите филмови во целина од овие што се во конкуренција – рече Дукиќ.
Македонскиот член во жирито, Фејми Даут, рече дека му е чест што е во жирито на фестивалот „Браќа Манаки“ каде што првпат учествувал како студент и од каде што научил многу за кинематограферската работа.
Жирито исто така се согласи дека многу фестивали во светот не го препознаваат квалитетот на фотографијата во филмовите што ги наградуваат, особено тоа важи за најпрестижната награда „оскар“, која им била доделувана на филмови што се комплетно дигитално создадени, речиси без авторски придонес во кинематограферскиот сегмент.
Досега во Битола беа прикажани три од 12-те филма во конкуренција за награди: „Болка и слава“, автобиографска визија за себе како човек и уметник, на сценаристот режисер Педро Алмодовар, што со маестрална колоратурна палета ја збогатува нашиот претходен лауреат на „златната камера 300“ за животен опус, великанот, кинематограферот Хосе Луис Алкаине. Потоа „Бедници“ во кој косценаристот и режисер Лаџ Ли, тргнувајќи од свои искуства, ја опсервира современа Франција. Како ехо на демонстрациите на жолтите елеци, во едно париско гето, социјално-класната дијаметрална поделеност од богатите, како своевидна урбана герила, е насликана од експлозивно одличната снимателска екипа, предводена од кинематограферот Жулиен Пупард. Публиката во Битола го виде „Синоними“ на режисерот Надав Лапид, внатрешна психоексплозија на еден млад Израелец, кој, бегајќи од својот идентитет полн со фрустрации, осамнува во Париз учејќи француски, што е индиректно и коментар на загрижувачкиот антисемитизам, а кинематограферот Шаи Голдман, неговата 7/24 одисеја ја следи како визуелен сведок.
До крајот на фестивалот ќе бидат прикажани и „Бикот“ на Борис Акопов во кој е доловено руското подземје на гангстерските банди од времето на Јелцин, а тоа динамично експлозивно го слика младиот талентиран кинематографер Глеб Филатов, романскиот „Свиркачите“ – ефектен полициско-гангстерски трилер на искусниот сценарист режисер Корнелиу Порумбоју и на кинематограферот Тудор Мирчеа… Два филма се карактеризираат со суптилност во режијата и осoбено во визуелниот израз на доловување на психодрамите: германскиот „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер, во кој откритието на „Браќа Манаки“, наш лауреат и многукратниот учесник во нашата компетиција, сега искусниот и водечки германски кинематографер Френк Грибе ни ја доближува морално-психолошката драма на мајката Лара и исландскиот „Бел, бел ден“ на водечкиот режисер на оваа мала, но витална кинематографија, Хлинур Палмасон и талентираната млада кинематограферка Мариа фон Хаусволф…