Филмот „Заглавени заедно“ на уметницата Тања Балаќ е номиниран во категоријата за најдобар експериментален филм, а „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски, во категоријата за најдобар краток филм, на Фестивалот на кратки филмови во Сиднеј, кој ќе се одржи во киното „Риц“ на 5 февруари
Филмот „Заглавени заедно“ на уметницата Тања Балаќ е номиниран во категоријата за најдобар експериментален филм на Фестивалот на кратки филмови во Сиднеј, кој ќе се одржи во киното „Риц“ на 5 февруари. На истиот фестивал меѓу финалистите во категоријата за најдобар краток филм е избран и краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски. Победниците ќе бидат избрани непосредно пред настанот и објавени на фестивалот и онлајн.
„Заглавени заедно“ е видеозапис на уметницата Тања Балаќ, каде што таа и овој пат креира една поинаква приказна, која отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Овој видеозапис пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот.
– Основната идеја е да се обидеме да го разоткриеме тој дискурс на актуелните миграциски случувања, да ги согледаме во еден поширок контекст, реализиран преку конкретна уметничка практика – вели авторката.
Директор на фотографијата на филмот „Заглавени заедно“ е Кирил Шентевски, светлото е на Мартин Димитријев, асистент на камера е Сергеј Сарчевск, звучните ефекти ги направи Игор Крстевски, а музиката е на Тони Димитров и Јан М. Иверсен.
Филмот „Заглавени заедно“ на Балаќ претходно беше селектиран на португалскиот филмски фестивал „Анархи филм фестивал“, кој ги обединува најдобрите филмови создадени од таленти низ целиот свет и ги прикажува пред меѓународната публика. Филмот премиерно беше претставен на уште два филмски фестивала, „Фејс филм онлајн филм фестивал“, лани во октомври, чија филмска програма беше претставена во три европски града: Брадфорд, Лисабон и Манчестер.
Краткиот „Налепница“, пак, на Унковски беше селектиран на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм „Санденс“, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Премиерата беше лани, на крајот на септември, во киното „Фросина“ во Скопје. Филмот е во продукција на „Синема футура“ и е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми. Филмот се снимаше шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, кој ја играше главната улога и во дебито на Унковски, краткометражниот „Пепи и Муто“. Во екипата се и: Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
Георги М. Унковски студирал фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.