По 50 маалски концерти, вечерва запира „Култура во време на корона“. На денешната прес-конференција преставниците на градските културни институции информираа за резултатите од проектот. На досегашните 50+ настани, настапиле повеќе од 200 изведувачи, со повеќе од 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници балкони во осум различни општини во Скопје.
Проектот запира со вечерниот настап на познатите „Суперхикс“, а градските културни институции наскоро ќе излезат со адаптирани програми усогласени со идните препораки на Владата. Музичарите од „Суперхикс“ ќе настапат во 20.00 часот на плочникот кај зградите до Педагошкиот факултет во Карпош.
– Она што е важно за овој проект е дека сите изведувачи беа еднакво платени со минимален износ од 14.500 денари, вклучувајќи ги големите имиња и младите таленти, со цел да се овозможи што поголем број на учесници и што поголем дофат на социјалните ефекти од мерката. Ниту еден поголем град во соседството не изготви сличен одговор на кризата од корона вирусот во доменот на културата, но се надеваме дека ќе земат позитивен пример од нас и ќе им помогнат на културните работници во своите градови. За жал, мора да напоменам дека овогодинешниот европски главен град на културата – Риека ги запре сите активности до крајот на годината оставајќи стотици локални уметници и културни работници без реализирани проекти од неколкугодишната своја работа – кажа Никола Наумоски од Град Скопје.
Русе Арсов од МКЦ говореше за специфичноста на сцената со која што работи оваа институција и дека солидарноста како принцип била одлично прифатена меѓу членовите на разните бендови и колективи.
– Имаше музичари што настапија по неколку пати, а беа платени само еднаш, само за солидарно да им овозможат на своите колеги да го заработат својот хонорар – потенцираше Арсов.
Сермине Пурини од КИЦ додаде дека стигнати се голем број на апликации и дека не можеле сите да се реализираат, иако многу од нив биле квалитетни, па затоа институциите ќе ги имаат предвид за реализација на овие проекти за престојниот период.
Филип Аврамчев од Универзална Сала информираше за финансиските аспекти на кампањата – потрошени се 2.7 милиони денари од градскиот буџет, за хонорари на 168 уметници, културни работници и технички лица, покрај ангажираните вработени од МКЦ, КИЦ и Универзална.
Маалските концерти и онлајн изведбите кои ги реализираше Град Скопје дојдоа како дел од пакетот кризни мерки во однос на културата, а кои беа одговор на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“, ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена, како и Синдикатот на Културата (СКРМ). Нивниот претставник Филип Јовановски го поздрави брзиот одговор на градот за нивните барања и повика министерството и Владата да го следат истиот пат.