Лада Шоптрајанова Петровска


Еден од најпознатите композитори од романтичарската ера, Феликс Менделсон (1809-1847) израснал во угледно еврејско семејство и бил воспитуван во духот на негување култ кон убавото. Така, врвните дела на светската литература биле неодминлив дел од неговиот живот. Уште како дете ги читал германските преводи на Шекспир и се вљубил во нив, а на 17-годишна возраст дошол на идеја атмосферата од Шекспировите дела да ја преточи во музика. Така настанала концертната увертира „Сон на летната ноќ“, која бргу постигнала огромен успех кај публиката во Европа. Седумнаесет години подоцна, по желба на прускиот крал Фредерик Вилијам Четврти, инаку голем обожавател на увертирата, а и на Шекспировата комедија, Менделсон напишал 13 кратки композиции базирани на Шекспировите мисли и ги додал кон увертирата. Класично романтични и класичарско-романтичарски, ги создал со истиот жар и ентузијазам од младоста. Некои од композициите се вокални, некои се инструментални. Низ нив провејуваат мотиви од увертирата и така се создава необичен и чудесно убав спој меѓу нив, а во исклучително сензуална кохезија со Шекспировите стихови.

Менделсон навистина успеал со музички јазик да ја прикаже замислата на комедијата и истовремено да ја „оживее“ 250 години подоцна. И по уште речиси 200 години, „Сонот на летната ноќ“ живее и плени. Ги плени не само срцата на публиката низ концертните сали туку и срцата на штотуку венчаните, со „Свадбениот марш“, можеби најпопуларната мелодија од овој летен сон.