Камерниот оркестар „Скопски солисти“ го одбележа јубилејот 20 години уметничка дејност, и покрај неколкуте одложувања. Во големата сала на Филхармонијаta, оркестарот го одржа својот прв концерт, насловен „20 години со вас“, на кој настапија наши врвни уметници со меѓународна кариера: Благој Нацоски – тенор, кој специјално за овој настан допатува од Италија, Весна Гиновска Илкова – сопранистка и Томе Атанасов, солист и прв обоист на Националната опера, а под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ. Програмата беше празнична, за да ѝ се дозволи на публиката максимално уживање во изведбите, што и целосно се оствари.
Камерниот оркестар е создаден во 2000 година, од маестрото на обоата Васил Атанасов и група негови колеги, познати уметници, на кои им се придружија и група млади талентирани и успешни уметници што сакаа настапи и докажување во својата професија и создавање камерен состав по урнек на загрепските, софиските солисти и др. Сакаа таков ансамбл да постои и кај нас, да ја негува камерната музика од барокот до современата музика, изведувајќи и македонски автори. „Скопски солисти“ оставија посебен белег на музичката сцена со својот традиционален Божиќен концерт, остварија две гостувања во странство и реализираа самостојно три компакт-диска во жива изведба.
Концертот почна со секогаш предизвикувачкиот распеан и виртуозен Вивалди, каде што оркестарот премиерно го претстави делото „Кончерто а ла Рустико“, со многу коректна изведба како почетна нумера, за потоа да настапи нашата примадона Весна Гиновска-Илкова, донесувајќи ја во еден здив аријата бр. 6 на Персел од химната „Стабат Матер“ и на Хендл, познатата „Ласиа чио пианга“, по што следуваше настапот на одличниот тенор Благој Нацоски, кој префинето исполни арија на Хендл од ораториумот „Месија“ и композиција на Шуберт од „Аве Марија“. Потоа настапи нашиот извонреден инструменталист, обоистот Томе Атанасов, со „Тема со варијации“ на Ј.Н. Хумел, претставувајќи се со сите свои можности и талент, со убавиот заоблен тон, со прекрасни фрази во кантилена-мелодиите и беспрекорна виртуозност во брзите фуриозо-варијации и со бравурозност, изведувајќи ја композицијата докрај, одлично водена од маестро Иван Еминовиќ. Следуваше уживање за публиката со изведба на делото на Елгар – „Салут“ и „Три пиеси“ – Песни без зборови на македонски народни теми на С.Тошевски, мајсторски направени од композиторот, со едноставни хармонии, убаво обликувани и тематски разработени, кротки и едноставни како и самиот автор. Следуваа настапите на Гиновска и Нацоски, со две прекрасни арии. Гиновска ја исполни аријата „Џани Скики“ од Пучини, а Нацоски познатата арија на Ленски од Чајковски од операта „Евгениј Онегин“, што беше вистинско уживање за публиката. Следуваше виртуозна изведба на „Престо“ од Моцарт – Дивертименто во Д-дур, за на крајот, како врв на концертот, да биде изведена „Суита Македонија“, од А.Д. Агостини за сопран, тенор и оркестар на нашите познати музички теми: „Јовано, Јованке“, „Миле Поп Јорданов“, „На Струга дуќан да имам“… И навистина се случи една невидена празнична атмосфера, публиката аплаудираше во ритамот на мелодиите. Маестро Иван Еминовиќ одлично го водеше целиот концерт.
Вториот концерт од прославата на 20-годишнината на „Скопски солисти“ во Филхармонијата, во камерната сала, имаше друг концепт и визија. Настапија двајца наши млади но веќе докажани уметници што живеат и работат во странство. Насловот на концертот „Нашите од Европа“ кажува зошто. И двајцата своето школување го почнале во Македонија за подоцна да се усовршуваат во странство. Едниот е Благој Ламњов, кларинетист, кој допатува од Шведска, а другиот е маестро Виктор Митровски од Австрија. На овој концерт имавме убаво одбрана, но и непозната програма. Тој започна со две прекрасни романтични композиции од Ј.Сибелиус – „Импромпти“ и „Романса“, што веднаш привлече интерес кај публиката за делото што се изведува. Со убави мелодии, кои често ги користи Сибелиус од своето поднебје, неговото богато хармонско созвучје, промената на мелодијата во ритмичката структура, преку различните композиторски гледишта,едноставно убаво прозвучија. Потоа следуваше настапот на кларинетистот Ламњов, кој го изведе „Концертот бр.3“ од К.Штамиц, нам добро познат во академската средина, но секогаш изведуван со пијано-придружба, сега премиерно со камерен оркестар. Неговиот настап беше многу сигурен, со убава енергија и занес, можеби затоа што првпат настапуваше пред своја публика, но со убав мек тон, со издржани фрази, стилски обликувано во сите три става од концертот, особено впечатливо во изведба на виртуозните делници.
Следуваше уште едно интересно дело, со наслов „Ерменски минијатури“, од ерменскиот композитор Комитас, собирач на народни умотворби и фолклорни песни, но аранжирано од С. Асламазјан за квартет и за камерен оркестар. Вечерта беа изведени осум минијатури, кои звучеа интересно зачудувачки, со богати и интересни мелодии од Ерменија, со мелоритмика и хармонии, на кои публиката реагираше со долготрајни аплаузи, а маестро Митровски многу придонесе со својата креативност и креација за убава изведба на ова дело. Како последно дело во програмата беше поставена нашата традиционална песна „Сербез Донка“, со тема мелодија на Б.Ламњов и аранжман на К.Ј. Анкарблом за оркестар, харфа, вибрафон и удиралки. Атмосферата се искачи до кулминација со брзите изведби на кларинетот во импровизацискиот дел и целосната еуфорија на публиката, наградувајќи ги уметниците за крај со долготрајни и френетични аплаузи, по што од солистот добија и бис.
И покрај проблемите со коронвирусот, камерниот оркестар „Скопски солисти“ не отстапи од идејата 20-годишниот јубилеј да го реализира и да го одбележи достојно и за почит. Во овие времиња, исполнети со немир и неспокој, тој ни донесе одлични солисти, убава програма и прекрасни изведби, со што за миг заборавивме на сегашноста и се насладувавме на убавата музичка уметност, која ни донесе радост и надеж за иднината.
Јове Јордев