Паралелно со зголемувањето на останатите содржини, концерти, рецитали, ликовни изложби, промоции на книги и др., раководството на Центарот за култура од Кичево, прави сериозни напори да се зголеми бројот на драмските и кино претставите, како и да бидат прикажувани филмови кои штотуку се присутни во кината од светските метрополи.
Филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ е само вовед во она што ќе се случува во наредните месеци и години.
– Правиме исклучително големи напори, Центарот за култура во нашиот град, во целост да го промени имиџот и да стане вистински епицентар на културни случувања во градот. Во тој контекст, чиниме големи напори да се зголеми бројот на драмски премиери и драмски претстави. Така уште отсега во план сме да го ангажираме дипломираниот актер Михајло Петрески, да подготви една драмска претстава за првото полугодие. Исто така во нашето кино ќе го зголемиме бројот на филмски премиери, а интенција ќе бидат филмови кои штотуку ги виделе гледачите во светските метрополи. Не е лесна работа да се врати публиката во кино салата, но ќе се погрижиме со квалитетна филмска понуда и со агресивна кампања, во голема мера да го заживееме киното и да ги промениме навиките на луѓето, наместо пред ТВ екраните, филмови да следат на големиот екран- најави Мазлам Османи, директор на Центарот за култура од Кичево.
Дали навистина ќе се променат навиките на граѓаните што почесто да одат во кино, ќе покаже времето.
Зоран Антоски