„Семејни приказни“ од Биљана Србљановиќ, во режија на Милош Б. Андоновски, е претставата што премиерно ќе биде прикажана на 6 јуни (среда) од 20 часот во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во театарот.
-Оваа претстава е претстава за детството. Топла е, истовремено и незгодна. Приказните кои ги гледаме оставаат еден горко-сладок вкус зашто некои нешта можеби и не требале да бидат такви, додека пак други, за среќа, не се случиле поинаку – вели режисерот Андоновски.
Во претставата играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски, сценографијата е на Наташа Вчкова, а за костимографија е задолжена Марта Дуфне Јосифовска.
Биљана Србљановиќ (1970) е најпознатата и најизведуваната српска драмска авторка, но и една од најпознатите и најизведуваните европски авторки денес, нејзините драми се поставени во околу 50 земји. Нејзиниот текст „Семејни приказни“ е напишан во 1998 година, а неговата актуелност, особено за балканските простори, е несомнена.
Милош Б. Андоновски (1989) е театарски режисер и професор. Претставата „Семејни приказни“ е неговиот прв професионален ангажман во прилепскиот театар.
Ka.M.