Ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ, по повод 30 години творештво, ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте-амам“. На отворањето ќе биде промовирана и монографија со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.
Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.
Нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Дел од нив добија меѓународни награди, како што е 4-та награда за експериментален филм на Биеналето во Фиренца за филмот „Меморабилија“, прва награда на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД; во 2020 награда во Манчестер, Велика Британија, за филмот „Заглавени заедно“ и др.