Романот „Пустина“, кој првично бил публикуван во 1961 година, неодамна беше реобјавен, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чија цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност
Познатиот роман „Пустина“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев, кој неодамна беше реобјавен во ново руво, со специјално дизајнирана корица, во издание на „Арс ламина – публикации“, беше промовиран деновиве,
Романот „Пустина“, кој првично бил публикуван во 1961 година, неодамна беше реобјавен, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чија цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност.
– Своевиден ексклузивитет на новото издание е корицата на книгата, која ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Ѓорѓи Абаџиев. „Пустина“ е историско-психолошки роман. Дејството се случува за време на историската 1903 година и ни е раскажано преку заробеништвото на двајцата солунски атентатори Арсо и Глигор, веднаш по еден од нивните страшни бомбашки напади. Движејќи се напред-назад низ времето и мислите на карактерите (главно на Арсо), Абаџиев ни го прикажува внатрешниот живот на двајца исклучителни индивидуалци, загубени во коридорите на историјата, должноста и љубовта. Што ако најголемиот грев на еден атентатор е да остане жив? Што понатаму – вели издавачот.
Ѓорѓи Абаџиев (1910, Дојран – 1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живее како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година, тој е член на Друштвото на писателите. Престојува во Скопје до крајот на својот живот. Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавува следниве дела: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.
Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Пустина“, „Арс ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Ѓорѓи Абаџиев, „Арамиско гнездо“. Романот ќе биде претставен со онлајн промоција на 13 јули, со почеток во 19 часот.