Поетот и академик Радован Павловски е добитник на повелбата „Блаже Конески“, која на секои пет години ја доделува Друштвото на писатели на Македонија. Повелбата се доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, што оставиле трајни белези во развојните процеси на македонската литература и што имаат значајни проблесоци во литературните и културните центри во Европа и во светот. Прв добитник во 2015 година беше поетот и академик Матеја Матевски.
Годинашен добитник е Радован Павловски, еден од најпреведуваните и најнаградувани македонски поети. Во согласност со условите диктирани од пандемијата, Друштвото на писатели на Македонија свечено ќе му ја врачи повелбата на Павловски во септември 2021 година, во Небрегово, родното место на Конески. Во меѓувреме, ДПМ го подготвува и првиот број од ревијата „Стожер“ за идната година, во која лице во фокус е токму Радован Павловски.
Акадeмик Радован Павловски е поет, есеист и патописец, во 1955 година се огласува со песни од „Железна Река“. Својот живот ѝ го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Првите поетски објави му датираат од 1952 година, а веќе од летото 1955 година целосно се определува за светот на поезијата, создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“.
Добитник е на сите значајни награди, а Американскиот биографски институт го прогласи за личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признаени биографски дела“. Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во континуитет во изминатите шест децении тој е еден од најпреведуваните македонски поети во светот.