Неодамна излезе од печат новата поетска книга на Ефтим Клетников „Пурпур и злато“. Поетот во неа, по „Де профундис“ („De profundis“) повторно му се враќа со целосна страст и доверба на сонетот, демонстрирајќи го и тука своето мајсторство кон оваа лирска форма, за која, според него, е најважен метафизичкиот квалитет во неа. Низ вкупно 105 (!) сонети вглобени како во свадбен прстен, Клетников на еден екстатичен начин, како што го покажува тоа и самиот наслов на книгата, пее за Целината на човековото постоење како лична и културолошка, историска и метафизичка судбина од Алтамира до денес. И понатаму зад поимските межници на просторот и времето. Станува збор за една збирка поезија, која како онаа математичка формула што ја мечтаел Лаплас треба да ја собере во себе целокупната вселена, нејзиниот почеток од големата експлозија, развитокот и постоењето.
– Се покажува дека песната на Клетников не се раѓа во миг на непосредна возбуда, дека не се темели на импресија, не е лична исповед, туку се открива како резултат на долготрајна ферментација, на упорно варирање и толкување на природните и социјалните феномени, дека се востановува и во мигот на траењето, дека се проверува како естетски феномен во еден непоткуплив процес на соочување со највисоките коти на човечката култура и во сферата на естетското искуство, опфаќајќи ги во себе трагите на древните цивилизации, градејќи од нив, приклонувајќи им се како на наследство и завет, потпрена врз преданијата и митовите, врз религиските разноликости кај заедници, народи и култури – пишува меѓу другото во инспиративниот поговор „Пурпур, злато, стихови“ за поезијата во најновата поетска книга на Клетников, Санде Стојчевски, еден од нејзините најдобри толкувачи.