Како резултат на повеќегодишната соработка и учество во проектот „Про или контра“на „Нова Македонија“, деновиве од печат излезе новата книга на Драган Јањатов „Про ет контра – Моите политички трактати“, во издание на „Дијалог“ од Скопје. На околу 160 страници, во седум тематски различни целини, со неконвенционална содржинска структура, во неа се претставени полемички текстови на разни теми и од различни автори, главно познати и афирмирани личности, дипломати, значајни меѓународни политички коментатори и аналитичари. Нивните ставови и погледи за разни актуелни и значајни современи меѓународни прашања и проблеми, во рамките на споменатиот меѓународен проект, Јањатов ги опсервира, анализира и се согласува или ги оспорува, изнесувајќи во лапидарна форма концизни ставови, мислења и аргументи за одредени настани, проблеми или личности, но и со акценти врз значајни аспекти на внатрешни национални, општествено-политички теми и прашања.
– Книгата на Драган Јањатов „Про ет контра“ во целина има универзални содржини од траен карактер и предизвикува внимание, не само на проучувачите на светските случувања и на дипломатите од кои зависи одржувањето на меѓународниот поредок во светот туку и на поширокиот круг читатели и набљудувачи – истакнува меѓу другото во нејзиниот предговор познатиот македонски писател и дипломат Трајан Петровски.
По објавувањето на книгата „Колумна Маениа“ („Моите 100 колумни“ во „Нова Македонија“) на Драган Јањатов, која излезе од печат во 2016 година како издание на весникот, „Про ет контра“ е второ дело плод на заемната соработка.