Во 1887 година, Исак Албенис (1860-1909) ја напишал Шпанската свита бр. 1 опус 47. Првенствено замислена како збирка од претходно напишани (необјавени) композиции за соло-пијано, станала музичка разгледница на Шпанија. Инспириран од убавините на родната земја, Албенис успеал, со музика, да нѐ прошета низ неа. Првичната верзија содржела 4 парчиња, насловени „Гранада“, „Каталуња“, „Севилја“ и „Куба“. Подоцна, по смртта на Албенис, додадени се уште 4: „Кадис“, „Астуриас“, „Арагон“ и „Кастилја“. Иако додадените парчиња биле веќе објавени, совршено се вклопиле и ја збогатиле убавата свита.
„Гранада“ е нежна серенада, која ги доловува жешките летни ноќи, исполнети со звуците на гитарата. „Каталуња“ е претставена со карактеристичниот брз танц коранда, напишан во триосмински такт, со барокен призвук, но во модерен стил. Сличноста не е случајна, зашто во барокните свити, речиси без исклучок, вториот став е куранта (куранта = коранда). Во „Севилја“, ритамот на фламенкото кани на танц. Оваа минијатура блеснала во својот полн сјај и добила исклучителна популарност по обработката за гитара. (А кој друг инструмент толку живо би ја доловил страста на фламенкото?). Во времето кога Албенис ја пишувал свитата, Куба била дел од Шпанското Кралство. Поднасловот на „Куба“ е ноктурно, сензуална ноќна музика. Со романтична боја и богата хармонија, звучи нежно, меко. „Кадис“ е песна (кансон), која била замислена да биде религиозна композиција (саета), но не звучи религиозно. Кога јас би била композитор, би ја преаранжирала за виолина и пијано, зашто водечката мелодија е баш виолинистичка. Во „Астуриас“, Албенис повторно се навраќа на фламенкото, овој пат користејќи ја мечтателната малагења во средниот дел. Што подобро го опишува Арагон од хотата? Брзиот ритам на најкарактеристичниот танц на арагонците се совпаѓа со нивниот темперамент, со нивната радост во животот.
„Кастилја“, централната област на Шпанија, во чие срце е главниот град Мадрид, е претставена преку сегедилјата. Таа е жив, динамичен танц на двојки, за кој карактеристичен е ритамот што ги нагласуваат ударите со нозе, имитирани во линијата на левата рака.
На ова патување за кое не требаат пасош и пари, низ опојните ноти на Албенис во мислите ја прокрстарев Шпанија.
Лада Шоптрајанова Петровска