Промоција на стихозбирката „Фламенко утопија“ од Надија Реброња од Србија ќе се одржи утре (9.11.2021) со почеток во 21 часот во киното „Фросина“. Препевот на македонски е на Искра Пенева, а книгата е издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје.
Промотор на книгата ќе биде Долорес Атанасова Лори, а модератор Јулијана Величковска.
– Надија Реброња напиша многу необична и вонредна поетска книга. Необична, затоа што „Фламенко утопија“ е еден вид внатрешен поетски патопис, во кој не се патува низ просторот, туку низ културата, и се ѕирнува во човечките души, за да се наслушне нивниот егзистенцијален копнеж по Смислата. Затоа ова е поетски патопис, напишан со душите на другите луѓе, а шпанскиот простор, идентитет и култура во него транспонираат во поетски слики и метафори во посебна емотивна состојба, при којашто туѓото станува свое низ слоевитиот идентитет на лирскиот субјект. Лирското многугласје, како карактеристична интеркултурна стихозбирка, е вистински книжевен настан во неодамнешната книжевна пракса – вели за книгата Енвер Казаз.
Надија Реброња (Нови Пазар, Србија, 1982) е поетеса, есеист и книжевен критичар. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Поезијата ѝ е објавена во списанија и зборници во странство и преведена е на неколку светски јазици (англиски, шпански, италијански, француски, германски, полски, турски, персиски, арапски, македонски и словенечки). Со поезијата од нејзината книга Танц по морињата во италијански превод, 2016 година, направени се осум композиции на Конзерваториумот Николо Пицини во Бари, коишто беа претставени на неколку концерти во Италија, во Данска и во САД. Како истражувач-научник престојувала на Универзитетот во Виена (2009) и на Универзитетот во Гранада (2010-2011). Како предавач одржала неколку предавања на универзитетите во Панама на шпански јазик. Добитничка е на Признанието за поезија од градоначалникот на градот Пенономе во Панама.