Промоција на книгата раскази „Океан од слики“ од Томислав Османли, издание на „Магор“, ќе се одржи утре во „Салон 19:19“ со почеток во 19.19 часот. Во најновата збирка Османли создал серија сугестивни мешани дискурси во рамките на кратката проза, постапка што во неговиот прозен опус е најавена уште во неговата извонредна книга раскази „Каприча“. Уште во првиот расказ „Малиот Немо во мундирот на Корто (Океан од слики)“, од чиј поднаслов е генериран и насловот на книгата, појдовната основа за вџашувачката вербално-визуелна нарација е омажот кон стрип-иконата Корто Малтезе на Хуго Прат. Османли во овој расказ не само што реферира на слики и сцени од историјата на стрипот ами и го нурнува читателот во еден огромен цитатен и интертекстуален раскажувачки океан, алудирајќи или упатувајќи на најразлични книжевни дела.
Книгата ќе ја промовираат Лидија Капушевска Дракулевска и Владимир Мартиновски, извадоци од книгата ќе чита Ане Блажовски, артист. Османли создава во повеќе дисциплини. Автор е на 23 објавени книги: проза, драмски текстови, сценарија, теорија и есеистика. Неговите книжевни творби се преведени на: англиски, француски, полски, српски, хрватски, бугарски, романски, грчки, арапски… како и на ладино, јазикот на сефардаските Евреи. Со години се занимавал со филмска и театарска критика и публицистика. Член е на Друштвото на писателите. Член е на македонскиот ПЕН и трипати избиран во неговото претседателство. Бил претседател на Филмската младина на Македонија. За својата разновидна уметничка и новинарска работа, добитник е на близу дваесет награди.