Документарниот филм „Сеќавање“ на Роберт Јанкулоски е промовиран во новото кино „ Манаки“ во Битола.
Станува збор за филмска проекција изработена од стаклени закопани плочи кои датираат од почетокот на 20 век, а се дел од наследството на браќата Манаки, сочувани фотографии од Македонскиот фронт.
– Среќен сум што со мојот филм се искажува почит за денот на примирјето. Тој ден е најсреќниот ден во човештвото бидејќи со тоа примирје се ставил крај на војната – изјави Јанкулоски по промоцијата на неговиот филм „Сеќавање“.
На промоцијата на филмот присуствуваше амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер.
Документарниот филм „Сеќавање“ е посветен на настани од Првата светска војна.
Вечерва, пак, во Битола ќе биде промовиран вториот документарен филм на Роберт Јанкулоски, насловен „Манаки, приказна во слики“, културен настан кој се одржува во рамки на манифестацијата „Историја, уметност, колективна меморија и помирување“.
М.М.