Во галерискиот простор „Арт хаб“ во Градскиот трговски центар во Скопје беше промовирана монографијата „Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото“, издание на печатницата „Софија – Богданци“. Чулаковски (1947-2019 г.) беше истакнат македонски графичар и професор во средното уметничко училиште и на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Ѓорѓи Чулаковски-Џото е роден во с. Герман, Грција. Факултет за ликовни уметности завршил во Приштина. Бил на магистерски студии во Белград. Член на ДЛУМ од 1978 година. Остварил студиски патувања во Париз, Штутгарт, Норвешка, Финска, Детроит и Куала Лумпур. Бил претседател на ДЛУМ од 1987 до 1990 година; директор на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ – Скопје, од 1984 до 1991 година; директор на Музејот на градот Скопје од 1999 до 2003 година; претседател на Битолското графичко триенале од 1999 до 2003 година, а бил член и на голем број жири-комисии за повеќе изложби.
Чулаковски е еден од најпознатите македонски графичари, со нов уметнички дух, кој со својата виртуозност и техничка перфекција, како и педагошката дејност (која ја пренесува на младите генерации), успева да ја збогати комплексната слика на уметноста на нашето време.
Благодарение на високото познавање и владеење на графичката дисциплина, како и со неговиот естетски, интелектуален и психолошки пристап, Чулаковски создаде дела со специфичен префинет поетски сензибилитет, афирмирајќи се како инвентивна и талентирана творечка личност.