Програмата на 44. МОТ утре, 19 септември, продолжува во МКЦ и театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес со „Привремени фигури“ од Романија и домашната „Злосторство на 21 век“.
Седмата фестивалска вечер почнува во 20 часот во МКЦ. Режисерот Марко Мартинс ја поставува „Привремени фигури“. Називот употребен во статистички истражувања за да се класифицираат сите мигранти, чија положба и статус се недефинирани или привремени, а кои во тој момент работат во Велика Британија.
„Привремени фигури“ е кулминацијата на двегодишен проект работен со португалската Great Yarmouth заедница, повеќето од нив доселени во градот во периодот од 2009 до 2014 година, за да работат на плантажи за производство на храна во Норфолк. Искористувајќи ја влошената состојба на овој крајбрежен град, поранешен омилен ресорт за одмор, користат хотели и полунапуштени каравани за да ги сместат своите нови работници. По неколку месеци работа во Great Yarmouth со девет жители од различни националности, Мартинс ни носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и прилагодување.
Во исто време на сцената на театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, Владимир Милчин ќе ја постави претставата „Злосторство на 21 век“. Претставата е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзните драмски автори во модерната драматургија.
Поаѓање со организираниот превоз е во 19 часот пред МКЦ.
Во склоп на придружната програма со почеток од 18 часот во Кино Култура ќе се одржи предавање и дискусија со претседателот на Африканската мрежа за принципи во културата – Мајк ван Гран.
По претставите следува концерт на бендот „Шумски“ со почеток од 22 часот во МКЦ. Групата е основана во 1991 година од Корнел Шепер и Марин Јурага, а статусот на култен загребски бенд им го донесе нивниот поинаков и сосема единствен звук, настанат под влијание на цела низа музички стилови, од афро, краут, new wave, авант-поп, прог-рок па сè до музика од цртани филмови.