Премиерната изведба на театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, во режија на големиот холивудски актер и режисер Доналд Ворен Мофет, прикажа серија екстремно луцидни и на повеќето од нас многу познати и блиски сцени од медиумското секојдневие

Лесна и приемлива театарска претстава, но со повеќеслоен текст, кој во себе крие приказни и отвора многу прашања, донесоа премиерно актерите на Драмскиот театар, во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Премиерната изведба на театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, во режија на големиот холивудски актер и режисер Доналд Ворен Мофет, прикажа серија екстремно луцидни и на повеќето од нас многу познати и блиски сцени од медиумското секојдневие.

Драмата долови јасна слика од секојдневието во едно метастазирано општество, прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација што почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Демонстрацијата на моќ отсекогаш била поврзана со родовите прашања. „Несоодветно за на работа“ покажа колку малите луѓе можат да бидат ставени во позиција да немаат избор и како човекот живее во свет во кој се обидува да негува надеж дека, сепак, има нешто што не е на продажба.

Авторката на драмскиот текст „Несоодветно за на работа“, Луси Кирквуд, е претставничка на современата британска драматургија. Во ова дело се истакнува, критикува и нагласува присутноста на објективизацијата на женското тело и жената воопшто, генерациски проблем со кој се соочува женската популација. Драмскиот текст е напишан во 2012 година, а е праизведен во „Ројал корт тиатар“. Современата британска драматургија е карактеристична по отвореноста кон различните тематски дискурси и, без исклучок, инсистира на тематска поврзаност со актуелни општествени прашања и превирања. Тематското покривање на проблемите и прашањата на маргинализираните општествени групи во современиот театар е сеприсутно од повеќе причини, потребата од општествено ангажиран театар, кој има за цел да поттикне на размислување и да провоцира јавно мислење и став за прашања блиски до маргинализираните општествени групи.

Инаку, на „Охридско лето“ викендов се одржа и концерт на виолинистката Сихана Бадивуку и пијанистката Маја Кастратовиќ, кои по четири години повторно се вратија заедно на фестивалот, на концертниот подиум во црквата „Света Софија“. И двете поседуваат дарба да го пренесат волшепството на музичкото дело до публиката, споделувајќи ги со неа емоциите.

– Голема е честа повторно да настапиме како дуо и оваа година. Секогаш е неизмерно задоволството што сме овде. Овој храм на музиката буди неверојатно силни емоции и звукот е божествен. Можноста да го споделиме нашиот свет со ценетата охридска публика има неизмерно значење за нас – вели пијанистката Маја Кастратовиќ.
Репертоарот со кој настапија Бадивуку и Кастратовиќ на „Охридско лето“ беше специјално одбран за фестивалот, а содржеше и дела од Клара Шуман, со што уметниците се вклучија кон одбележувањето 200 години од раѓањето на големата композиторка. Двете уметници своето музичко образование го завршиле на престижниот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ во Русија, а годинава одбележуваат 25 години заедничка професионална соработка. Јубилејот го започнаа со заеднички концерти во Словенија, а по рециталот на „Охридско лето“, најавија уште неколку заеднички рецитали што би требало да се одржат до крајот на годината.


Елена Папандреу: Охрид е убаво живописно место

Сум слушала за Охрид, но благодарение на фестивалот „Охридско лето“ првпат имав можност да се запознаам со културно-историското богатство на градот, вели воодушевено грчката гитаристка Елена Папандреу, која завчера прошета низ Охрид со туристичкиот водич на „Охридско лето“. Грчката музичарка со богата кариера, во Охрид остана два дена, кои ги искористи за незаборавни прошетки, но и пливање во езерото.

– Првпат бев во посета на Охрид. Многу ми е драго, едноставно имав среќа што останав еден ден повеќе, а фестивалот ми овозможи да ги видам културно-историските споменици. Градот е фантастичен, убаво живописно место исполнето со мир и спокој, многу зеленило, свеж воздух и прекрасно сино езеро, пријатни луѓе, пријателски расположени кон гостите. Ова беше патување исполнето со прекрасни спомени – вели Папандреу.

Со професионален туристички водич грчката музичка ѕвезда прошета низ стариот дел на Охрид, но ги посети и Заливот на коските во Градиште и манастирскиот комплекс Свети Наум. Таа уживаше и во вкусната традиционална македонска храна. Фестивалот „Охридско лето“, преку уметниците што со себе ќе ги понесат незаборавните спомени и ќе ги пренесат позитивните искуства, го промовира Охрид низ целиот свет.