Започна снимањето на третата сезона на ситкомот „Преспав“ кој меѓу телевизиските серии доживеа најголем успех. Со почесно присуство на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, падна првата клапа од третата сезона, за која продуцентите најавуваат дека ќе биде најквалитетната и најзабавната досега.
Емитувањето ќе започне од декември 2018 година на првиот канал на МРТВ.
-Самата жанровска реализација на претходните две сезони, неговата промоција во медиумскиот простор и афирмација од страна на публиката, како и високите креативни и продукциски стандарди кои ОХО ги постави со „Преспав“ беа мотив за поддршка на овој проект од страна на МРТВ. „Преспав“ со сигурност ќе ја збогати програмата на националниот сервис и ќе поттикне креирање на вакви слични проекти, затоа што јасно се покажа дека Македонија има капацитет за создавање на квалитетни аудиовизуелни продукти – изјави Марјан Цветковски, директор на МРТВ.
Актерската екипа добива засилување од една доминантна дама во главната улога, актерката Јана Маринова од Бугарија. Маринова е позната кај македонската публика по главната улога во бугарската серија „Врски“, достапна на еден интернационален кабелски канал. Во главните улоги остануваат: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели кои во третата сезона стапуваат со голем ентузијазам и оправдана гордост од досегашните успеси и со желба за создавање на дело за паметење.
Идејата и концептот на „Преспав“ се на Елеонора Венинова и на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева од Бугарија и Александра Миланова.
-Верував во овој медиумски културен производ уште од самиот почеток, а денес можам да кажам дека сум и горд на она што го постигнавме. „Преспав“ е комуникациски модел за симултано прикажување на европските вредности пред македонската публика. Како во претходните сезони, така и во третата, секоја епизода е активистички стремеж за излегување од вечната македонска транзиција и конечен соживот во пристоен општествен амбиент. Автентичен, но со европски вредности. Како продуцент го истакнувам интернационалното проширување на екипата и најавувам многу новости во насока на прикажување на „Преспав“ надвор од границите на Македонија, во земјите кои се во исто транзициско „тавче“ како и ние – изјави Пеце Талески, продуцент на „Преспав“.