Премиерата на краткометражниот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски, во продукција на „Синема Футура“, се одржа во средата во кино „Фросина“.
Публиката имаше прилика можност да ја погледне црната комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.
Филмот се снимаше шест дена на повеќе локации низ Скопје. Исто како и во првенецот на авторот, краткометражниот филм „Пепи и Муто“, главната улога и овој пат му припадна на Сашко Коцев, а покрај него настапуваат Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, и Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевки.
Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, за костимите се погрижи Роза Трајческа, додека за маската и шминката на главниот лик беа одговорни беа Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
Георги М. Унковски е роден 1988 година, во Њујорк. Студирал фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на ФАМУ во Прага, Република Чешка.