Премиерата на операта „Кармен“ од Жорж Бизе ќе биде изведена на 8 и 12 ноември. По нејзината последна премиерна обнова во 2002 година, по 17 години, „Кармен“ ја доживува својата седма премиерна обнова реализирана во рамките на националната оперска куќа.
Нејзиното поставување, како и нејзиното изведување во текот на целата, речиси седумдесетгодишна дејност на македонската опера, има посебно и мошне големо значење. Имено, тоа е првата француска опера изведена на сцената (македонската премиера се случила во 1951 година), а според официјалните податоци на Националната опера и балет, таа е и трета најгледана опера од нејзиното формирање до денес (веднаш зад „Травијата“ и „Аида“), но и една од првите десет најгледани претстави на репертоарот.
Авторскиот тим на новата режија, сценографија и костимографија го потпишуваат: Нина Најденова (Бугарија) – режисерка, Елена Иванова (Бугарија) – сценографка, Марија Пупучевска – костимографка, Олга Панго – кореографка.
Диригент е гостинот од Италија, Енрико Довико. Во улогите настапуваат:
Ирена Кавкалевска, Иван Момиров (Бугарија) и Зоран Сотиров, Марјан Јованоски и Ристе Велков, Сандра Митровска и др.
Настапуваат и оркестарот, хорот на Националната опера и балет и детскиот хор „Пиколо“. Диригентка е Весна Димчевска.