Во рамките на програмата „Современа култура и културни политики/Други простори“, центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – „Локомотива“ ќе реализира серија онлајн предавања со дискусии поврзани со позицијата на уметниците и на културните работници на пазарот на трудот, со односите меѓу уметниците, менаџерите и публиката и нивното меѓусебно влијание, како и со меѓусебното влијание на општествените авторитети и средината во која дејствуваат.
До 6 јули, различни предавачи, како што е најавено, ќе понудат етички дилеми и размислувања за одговорноста кон меѓучовечките релации, околината, природата и преостанатите битија со кои луѓето го делат светот. Катја Празник, (Словенија/САД), доцентка на програмата за менаџмент во уметноста на Универзитетот во Њујорк во Бафало, синоќа говореше на темата „Невидливиот труд на уметноста: придонес кон работна еднаквост во уметноста“. За втори јули е најавено предавањето на Елеонора Монтање (Италија/Франција) на темата „Учесниците во уметноста и нивната‚ верност кон уметничкиот настан. За примената на настанот на уметничкиот концепт од Бадју“. Елеонора Монтање предава филозофија во Бургундската школа за бизнис во Дижон и е кодиректорка на Одделот за мастер-науки во уметноста и културен менаџмент во истата институција.
На 6 јули со почеток во 20 часот ќе може да се проследи предавањето на темата „Анималност, грижа и одговорност – Спекулативна одговорност за животинската сродност“ на Алвизе Фавото (Италија/Велика Британија), кој предава контрола на менаџментот на бизнис-школата „Адам Смит“ при Универзитетот во Глазгов.
Предавањата ќе бидат проследени со дискусија на англиски јазик, со пренос во живо. Уреднички на програмата „Современа култура и културни политики/Други простори“ се Биљана Тануровска-Ќулавковски и Виолета Качакова, а координаторка е Зорица Зафировска.