Од четврток до сабота, во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи 7- от меѓународен џез фестивал. На денешната прес конференција, градоначалникот Илија Јованоски ги покани љубителите на џез музиката да ги проследат настапите на познатите имиња од домашната и странска џез сцена.
-Оваа година имаме европски и македонски џез музичари, како и уметници од Германија, Франција, Италија, Србија, Грција, Кина и секако македонските џез уметници. Како и секоја година, фестивалот ќе се одржи на летната сцена од центарот за култура „Марко Цепенков“. Во оваа прилика сакам да ги поканам сите граѓани на Прилеп и Република Македонија, како и сите љубители на џез музиката, да го проследат фестивалот и да уживаат во прекрасната музика, рече градоначалникот Јованоски.
Советникот за култура во Општина Прилеп, Снежана Ристеска, посочи дека сите досегашни учесници во изминатите 6 фестивалски изданија, оставиле свој белег во креирањето на историјата на прилепскиот џез фестивал.
-Целта на овој фестивал е промоција и популаризација на џезот и на уметноста на импровизирана музика во Македонија. Во изминатите 6 години низ фестивалот поминаа доста музички имиња од повеќе земји од Европа и од нашата држава, кои што оставија значаен белег во креирањето на фестивалската историја која ја испишуваме и кои извршија силно влијание врз домашната џез публика. Истовремено, со сето ова придонесуваме кон еден поинаков и урбан Прилеп и кон заложбите да се следат вистинските вредности и културни содржини, истакна Ристеска.
Годинава фестивалот нуди интересна програма, која е комбинација на медитеранскиот, врвен балкански џез и македонски џез.
На отворањето на прилепскиот џез фестивал, во четврток 30 август, на камерната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ ќе настапи „Кеко Форнарели Трио“ од Италија, а првата фестивалска вечер ќе продолжи на летната сцена од центарот за култура, со настапот на скопската група „Фиарс“ и на извонредниот македонски џез музичар, Владимир Четкар.
Во петок 31 август, публиката ќе може да ужива во настапите на Јордан Костов и „Шангај Интенс“, на „Палете Ансамблот“, односно „Сократис Воцкос Квартет“, а вечерта ќе ја затвори бендот на Васил Хаџиманов.
Последниот фестивалски ден е резервиран за Јаков Дренковски, французите „Ле Бал Пури“ и српската група „Деца Лоших Музичара“.
На фестивалот ќе има “оф“ програма, која ќе се одржи во вторник, среда и во недела 2 септември, во неколку прилепски кафулиња. Меѓународниот џез фестивал во Прилеп за прв пат се одржа во 2012 година и оттогаш, со својот квалитет го сврти вниманието на љубителите на џезот од поширокиот регион.
Ка.М.