Петтото издание на интернационалниот фестивал „Киненова“ ќе се одржува во ТВ-формат од 1 до 31 октомври и официјално од 8. до 18. месецов под мотото „Прво филм“. Според Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот, тоа ќе биде некој вид замена за сапуниците и евтините политички ток-шоуа, за сметка на тоа културата. Филмовите се поместени во 11 програмски целини, и тоа: главна селекција, ретроспектива, програми посветени на Фернандо Труеба и на Билјана Гарванлиева, фокус на Австрија, наградени со „Лукс“ на Европскиот парламент, независни и специјални филмови, филмови надвор од конкуренција, меѓународни и македонски кратки филмови.
– Фестивалот ја продолжува традицијата да го става фокусот на главната програма, први и втори филмови на нови режисери од целиот свет.
Оваа година во главната програма има филмови од: Шпанија, Иран, Боливија, Грција, Полска, Казахстан и Хрватска. Доминираат социјални драми, но има и биографски документарни филмови, како на пример оние што се однесуваат на славниот шпански фламенко-пејач Менесе и на кубанскиот револуционер Ернесто Че Гевара – најавува Јовановиќ.
Програмата е дополнета со посвета на Труеба, еден од најзначајните шпански режисери, кој ја прослави Пенелопе Круз, а особено внимание ќе имаат делото и животот на Билјана Гарванлиева, нашата прерано почината документаристка, која остави длабок белег во домашната документаристика, но и на меѓународен план со своето творештво и особен творечки сензибилитет.
– Билјана Гарванлиева беше еден особено храбар автор, со голема мисија, да афирмира сензитивни теми, кои беа потиснувани во јавноста. Се занимаваше со проблемите на обичните, експлоатираните, онеправданите луѓе, а особено со жени во традиционално конзервативни средини. Хуманиот и топол пристап при обработката на темите е нешто што е особено значајно – вели Јовановиќ.
Претседател на главното жири ќе биде прославениот полски режисер Кшиштоф Зануси, а малото жири ќе го предводи Ален Дрљевиќ, повеќекратно наградуван босански режисер.
Според Игор Анѓелков, програмски селектор, ќе видиме возбудливи филмски остварувања што третираат теми со широк опсег.
– Секогаш силните национални кинематографии на Полска и на Шпанија се застапени со три филма. Од прославената филмска школа во Лоѓ ни доаѓаат две силни остварувања, кои нема да ве остават рамнодушни поради нивната експлозивност, а единствениот документарен филм во официјалната селекција ќе нѐ разигра со фламенкото, истовремено враќајќи нѐ во мрачните диктаторски времиња на Стариот Континент, под палката на генерал Франко. Боите на курентната балканска кинематографија ќе ги бранат несекојдневниот хрватски филм, кој е на работ од документарното, разработувајќи тема за вечното враќање дома, и потентната грчка кинематографија, која овој пат ја гледаме во „нормално“ светло, со многу симпатичната драма што нуди неколку изненадувања. И на крајот, вистинското колаче за љубителите на филмската уметност, филмот „Јазовецот“, од секогаш возбудливата и почитувана иранска кинематографија – најавува Анѓелков.