Академик Милан Ѓурчинов, кој почина завчера, на 90-годишна возраст, е најсуптилен македонски литературен критичар, кој со својата широка образованост и култивираност, со своите плуралистички погледи кон творечките појави и со критериум од највисок домен внесе нов дух во толкувањето на литературното творештво во нашата средина, приближувајќи ја критичката дејност кон европските стандарди.
Академик Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз. Бил професор на Филолошкиот факултет, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 г. ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.