Девет професори и студенти од реномираната школа за фотографии од Либерец, Чешка, гостуваат на уметничкото гумно во селото Слоештица во рамките на одбележување на јубилејот – 15 години постоење. Во изминативе седум дена тие посетија села на Демир Хисар за да ги овековечат магијата на пределот и духот на локалното население, а инспирирани од песната на Петре М. Андреевски „Можев да ти бидам“ – Пофалба на Демир Хисар.
Фотографите Томаш Бонхард, Јана Козакова, Роман Мацек, Ева Морицка, Алена Новакова, Шимон Пикоус, Габриела Рехакова и Франтишек Русек се предводени од нивната менторка Јана Хунтерова, која престојуваше во Слоештица и во септември 2013 како официјална фотографка на работилницата што се одржа по повод 10 години од постоењето на „Арт-поинт Гумно“.
Дел од фотографиите ќе биде изложен во домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар до 7 септември во рамките на манифестацијата „Демир Хисар – град на културата, 2018“.