(Катица Ќулавкова, „Мои страсти, мои страданија“, издавачки центар „Три“, Скопје, 2019)
И најбогатите литератури би посакале да ја имаат. Енергична, луцидна, брза на мисла и на чин, втемелена и во светот и во текстот, копнежлива по природата, познавач на билките, на габите, фасцинирана од пеперутките, од фотографијата, од уредување списанија и книги, суптилна коментаторка на туѓи текстови, промислувач на природата на литературната уметност и, над сè, врвна лиричарка, авторка на извишени стихови и песни. Ама уште какви!? Надрочени од убавина и од смисла, како што се, впрочем, и овие што ја сочинуваат нејзината најнова книга, над која ќе се обидам за кратко да подигнам светилка, иако таа е беспрекорно коментирана и толкувана во умен и прониклив поговор на Лидија Капушевска-Дракулевска.
Го имам тоа ретко задоволство, таа привилегија, таа висока чест често да се наоѓам со неа и со нејзиниот Емил, високо, што повисоко, до наидување на вртоглавица, како кога се читаат нејзините песни, како кога се зема здив на шумска чистина, па таа пее, а јас често ги прекажувам нејзините стихови. Се пентариме усвет, џенем, на изгрејсонце по стрмните патеки на македонските планини. Таа подзапира и слика со страст, со очи без очај, со очи полни сјај и отсјај, зашто е вдадена во лов на светлина.
Морам да ја фатам, како да ни довикнува, како да ги полни со блесок новите песни, како да влегува да проветри во текстовите што ги толкува. И не се искачува само по планини, не лови само искри и слапови светлина, туку завлегува и длабоко наназад, во затемнетите изминати векови и илјадалетија во потрага по зрна вистина, по факел човештина, по соговорник, сомисленик, сомаченик, сострадалник. Ги презема таквите походи преку песни-писма, преку искрена, топла и блага реч упатена кон „блиска“ личност, всушност кон блиска личност, кон една опасно слободоумна а не само умна мислителка. Па со сето она што ѝ го кажува, со сето она што низ песни-олесници го упатува и натаму и наваму, таа и нас читателите нè сместува истовремено и таму и тогаш, но и овде и сега, што е знак на ретко лирско мајсторство да ја прави порозна илјадагодишната завеса што се лелее меѓу минатото и сегашноста. Тоа чувство што постојано го имаме додека ги читаме овие раскошни епистули, напати се засилува до степен нагло да нè уфрла во древниот амбиент или, понекогаш обратно, да изнесе наваму слика, ситуација, миг од дамнешен настан. Читателот овде нека се потсети на песната „Кон Елена“ од Едгар Алан По, во која се воспоставува светлосен тунел низ времето, и лирското Јас, пренесено под бедемите на Троја, извикнува:
Види! во светлината на длабокиот прозорец
како статуа занемена стоиш!
Во рацете ти дреме алем-ламба.
Еве го сега таквиот потег кај нашата поетеса, гледајте како згуснато, во два-три стиха се доближуваат, се преклопуваат и времињата и двата географски простора.
А јас те гледам
без да трепнам
од Македонија.
Но оваа кратка информација добива и свое сликовито проширување, се извишува до ранг на икона и фреска.
Стоиш молкум, пред куќи
и кршиш еден црн сомун леб
со мирис на земја.
Секако дека судбината на Јулија, околностите во кои се случуваат нејзините страсти и страданија доживуваат своја актуализација во ова згуснато поетско писмо, па лирскиот текст добива особен слој на директен коментар на реалните житејски, политички и идеолошки состојби.
Твоето време не било
време за жени
(богами ни моево не е
ако е за право)
Се покажува дека секој стих од најновата книга на Ќулавкова е израз на нејзината жедба по убавина, потврда на онаа констатација на Емил Филипов: „Не умееш да живееш без убавина“. Убавината, во сите нејзини пројави ги полни овие стихови, овие песни на нашата поетеса, сеедно дали станува збор за ведрините на есента, за семејните интимни мигови или за стилските радости од креативните допири со капацитетот на јазичните потенцијали, од јазичните „рамки, дамки, мамки, сламки“, па таа енергична долготрајна демонстрација на ретко мајсторство прави читателот од книга со наслов „Мои страсти, мои страданија“ да биде огреан од високочитателско задоволство. Зашто не може да не се забележи и да не се исцрпе восхит од потег со кој од јазикот се извлекува степенување што нагло нараснува и од еден интимен, дискретен простор и чин, од обичен џагор на деца во собата, во два стиха се случува „пад на комета, некој судир на светови“. Оттука, основно својство што ја обележува поезијата во оваа книга е полнотата, „полнота за љубов / за родината“, полнота со редење пластови и слоеви од слики, ситуации, обрти, со порој смели компарации („Тивко ама чујно, како пишување на рака“), споредби што нагло се повлекуваат од преден план и се распростираат навнатре, опфаќајќи ликови, судбини и цели годишни доби, алудирајќи на нивната внатрешна раскош, на плодноста и на плотноста, па есента се појавува „заруменета од уживање, екстатична / и женствена“, „колоритна, / блага, дискретна, шармантна“, предизвиклива за нежност и за галовност: „па се зари, па се жари, / па ѕирка низ проѕирка, / пред да се покори…“.
Полна е оваа книга на Ќулавкова со творбени потези од највисок ред, кога јазикот е побуден да ги открие своите маѓосни учиноци, па лирското писмо набрекнува од изненади, од свијоци, „сјајно во мракот / мрачно во сјајот“, досегнувајќи „облик на бистра среќа“. Зашто е побуден јазикот „што не сме го избирале, ама што би го избрале“, и кој овозможува обичното да се опише на необичен начин, особено кога на него своите страсти и страданија ги опева поетеса од висок ранг, „прочистена, тукуречи пречиста“!
Санде Стојчевски