Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една исклучително богата интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни геокултурни вкрстувања и разновидни творечки практики, вели Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, за добитникот на годинашниот „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.
Наградата на израелскиот поет, романописец и есеист ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“ на годинешното издание на фестивалот, предвидено да се одржи од 26 до 31 август.
– Уште на прв поглед и читање, творештвото на Амир Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти – кон Другиот/Другата. Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемлива, поезија што не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени директно од бедрото – вели Шелева.
Амир Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност.
Автор е на 13 збирки поезија, неговите песни се преведени на 50 јазици, како и на три романи. Добитник е на израелски и меѓународни поетски награди: „фулбрајт“, „плејади“, „бернстајн, премиерската награда за литература, „оенеум“, поетската награда за песна посветена на виното, „европски атлас на лириката“,европски Хомеров медал за поезија и уметност… На хебрејски превел 10 книги проза и поезија.
Во 1987 г. Ор дебитира со „Гледам низ очите на мајмунот“, за која ја добива книжевната награда „Хари Харшон“ на Еврејскиот универзитет. Неговите книги „Лица“ (1991), „Откупнина на мртвите“ (1994), „Па!“ (1995) и „Песна“ (1996) следуваат потоа. Објавил голем број написи, статии и есеи за книжевност, општество, компаративна религија и за класиците, а пишувал и книжевна колумна за „Хаарец“. Неговите избрани есеи „Дискурс“ беа објавени во 2018 г. Во 1990 г. Ор го основа друштвото „Хеликон“ за напредок на поезијата во Израел.
Во 1993 г. ја формира арапско-еврејската поетска школа „Хеликон“, каде што развива пионерски интегрирани методологии за учење креативно пишување. Ор предавал во Израел, САД, Европа и во Јапонија. Во 2001 г. го основал меѓународниот поетски фестивал „Шаар“ и работел како негов уметнички директор. Ор е национален координатор на проектот „Поети за мир“ поддржан од ОН, основач на Светското движење за поезија и на Европската асоцијација на програми за креативно пишување.