Отворен е нов повик за учество во камп за креативен документарен филм „Докуникулци“, во рамките на фестивалот „Македокс“.
– Две генерации „докуникулци“ се зад нас. Годинава, решивме да ги преминеме границите и да го обединиме регионот преку соработка со млади креативци од Македонија, Албанија и Србија. „Македокс“, во соработка со академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија, е во потрага по свежи „докуникулци“ на возраст од 15 до 18 години, кои би сакале да бидат дел од годинашниот камп за креативен документарен филм „Докуникулци“ – повикуваат организаторите.
Повикот е отворен до 23 јуни, а резултатите ќе бидат објавени до 25 јуни. Филмскиот камп „Докуникулци“ ќе биде дел од патувачкото кино на „Македокс“. За време на активностите во кампот, учесниците ќе добијат увид во знаењата и вештините од областа на документаристиката пренесени од членовите на креативниот тим на „Македокс“, професори од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ и пријатели на „Македокс“ од други земји.