Овој настан е несекојдневна можност да се слушнат современи класични композитори во археолошката сонда и за прв пат да се проткаат (пред)историските мистерии со репетитивните ритмови и минималистичките есенцијални мелодии на пијаното.
Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија се одвиваат неколку години а со оглед на тоа што во него пред се‘ се вршат ископувања, тој е посетуван и познат единствено за археолозите. Оттаму, ова ќе биде единствена можност и за пошироката јавност, која пред почетокот на концертот ќе биде запознаена со локалитетот и неговите највпечатливи обележја со што ќе се навлезе и во неговата (пред)историја.
Локалитетот се наоѓа еден километар јужно од селото Славеј (на патот од Прилеп за Крушево) и до него може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш или со параглајдер. До наоѓалиштето поминува патот од Славеј до Боротино којшто може да се користи за да се дојде до тумбата.
Организатори на овој настан и на истражувањата на Врбјанска Чука се Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј – Прилеп и Музеј на Р. Македонија.