„Има само една боја, само една на уметничката палета, која му дава смисла на животот, но исто така и на уметноста. Тоа е бојата на љубовта“, изјавил руско-францускиот сликар Марк Шагал. И таа боја на љубовта тој ја пренесувал на своите слики сè до смртта на 97-годишна возраст.
Марк Шагал е роден во белорускиот град Витебск во 1887 година. Тој бил најстариот од деветте деца. Растејќи во сиромашно еврејско семејство, уште како момче сфатил дека сака да стане сликар.
Шагал е познат по неговиот посебен апстрактен стил што ги спојува кубизмот, фовизмот и надреализмот. Во текот на својата долга кариера, тој создал фигуративна и наративна уметност слична на соништата што ги истражува неговиот еврејски идентитет и животот во Русија.
„Линиите, аглите, триаголниците, плоштадите ме однесоа далеку до волшебни хоризонти“, пишува Шагал за своето детство во својата автобиографија.
Како млад уметник во Париз, ги користел тие геометриски агли за да создаде примамливи композиции што ги доловуваат неговите спомени од детството. Во своите подоцнежни дела, Шагал ги истражува љубовта, религијата и мирот во светот преку сликарството, па дури и витражната уметност. Од огромниот опус што го остави зад себе, ви издвојуваме пет од неговите најпознати дела, кои пленат со својата уникатна, волшебна убавина.
„Јас и селото“ (I and the Village, 1911)
Шагал ја насликал „Јас и селото“ истата година кога се преселил од Русија во Париз. Во француската престолнина, тој многу брзо станал дел од уметничката заедница на Монпарнас. Таа заедница, која ги вклучувала и Пабло Пикасо и Жорж Брак, се карактеризирала со мешавина од различни влијанија и насоки. Шагал во тоа време бил под влијание на кубизмот, но и разигран во неговите композиции.
Делото „Јас и селото“ е всушност одраз на соновите на Шагал и спомените од детството во Русија. На сликата доминираат симболите од народните руски приказни и тамошниот пејзаж. На горниот дел од делото е прикажано родното место на Шагал, со црква, куќи и две лица насликани во живописни нијанси. Со дамата на сликата, но и некои куќи што се превртени наопаку, како да сакал да ја истакне надреалната, сонувачка убавина на неговото поранешно огниште. А лицето на маж, за кое се верува дека е на Шагал, и коза се сретнуваат на средина од платното. Нивните зеници се поврзани со речиси невидлива бела линија.
„Париз низ прозорецот“ (Paris Through the Window, 1913)
„Париз! Ниту еден друг збор не ми звучеше поубаво “, напишал Шагал во својата автобиографија. Делото „Париз низ прозорецот“ е толку живописно, толку многу бои. А сепак е многу апстрактно, со уникатен поглед на градот и Ајфеловата кула.
Со оваа разиграна слика, Шагал го преиспитува своето внатрешно чувство за поделба помеѓу минатото и моментот. Човекот со двојно лице на аголот на сликата е всушност Шагал, растргнат помеѓу неговата љубов кон Париз и неговиот стар живот во Русија. Но двојката во близината на Ајфеловата кула, која се чини дека се разделува во воздухот, исто така ја симболизира темата на раздорот меѓу два света, две љубови. Мачка на оградата на балконот, која има човечки лик, а тука е и освртот на Шагал за пионерскиот подвиг направен една година порано – скокање со падобран покрај Ајфеловата кула.
„Роденден“ (The Birthday, 1915)
Марк Шагал честопати укажувал дека љубовта е врвна боја во неговите дела. И сликата „Роденден“, која денес се наоѓа во колекцијата на Њујоршкиот музеј на модерна уметност, е создадена во чест на љубовта. Со неа сакал да ја изрази целата своја љубов кон неговата идна сопруга Бела. Делото е создадено во 1915 година, само неколку недели пред да се ожени со неа. Обидувајќи се да ја изрази целата еуфорија на љубов што ја чувствувала двојката, Шагал се насликал себеси како лебди над Бела како во некој волшебен сон. Главата на сликарот како да се свртува до крајност за да може да ја бакне својата идна сопруга. А Бела како да се издигнува над земјата, додека го држи букетот цвеќе што ѝ го подарил. Вљубените фигури се насликани во „обично“ домашно опкружување, за да ја испратат најважната порака – нивната љубов е вистинска и ја „консумираат“ секој ден во својот дом.
„Бело распнување“ (White Crucifixion, 1938)
Оваа слика, според многумина, е пресвртница во кариерата на Шагал. Таа е прва во серијалот слики што го прикажува Исус Христос како еврејски маченик. Ова дело исто така носи јасна порака, бидејќи сликарот сакал да ги посочи сите страдања што ги поминале Евреите во Европа, особено во текот на 1930-тите години на 20 век. Исус Христос е распнат на крст завиткан во шал што го носат Евреите на молитва. Но Исус не е единствениот што страда – околу него, од сите страни, се Евреите што се обидуваат да избегнат пустош и уништување. Во левиот агол на сликата е прикажано селото, кое било ограбено и изгорено, поради што селаните бегаат со чамци. Оние што не добиле чамци, машки фигури со големи бради, бегаат пеш. Гори и синагога, мајка се обидува да го утеши своето дете, а негативците напаѓаат – ова се само некои од застрашувачките сцени на сликата. И во овој дел Шагал прави паралели помеѓу нацистите, кои во тоа време веќе во голема мера ги прогонувале Евреите, со истото „сценарио“ што му се случило на Исус Христос од Римјаните.
„Прозорецот на мирот“ („The Window of Peace and Human Happiness“, 1967)
По смртта на генералниот секретар на Обединетите нации, Даг Хамаршелд, и на уште 15 лица во авионската несреќа, која никогаш не беше разјаснета докрај, во септември 1961 година, ООН сакала да им се оддаде почит на починатите со едно уметничко дело. А за тоа го избрале Марк Шагал да направи витраж во спомен на оваа несреќа. Како и многу витражни стакла на Шагал, „Прозорецот на мирот“ е инспириран од стихови од Библијата. Постојат многу елементи од Стариот и од Новиот завет, како што се „дрвото на животот“ или распнувањето на Исус. Овој витраж Шагал го сфатил и како можност да искаже лична благодарност на Америка, која привремено му дала засолниште за време на Втората светска војна, кога како Евреин бил принуден да ја напушти Европа од нацистите. Ова ремек-дело, високо речиси четири метри и широко 4,5 метри, сè уште го краси седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
На церемонијата на отворање на витражот, Шагал им се обратил на присутните дека не треба да го гледаат делото, туку да го чувствуваат.
– Би сакал луѓето да бидат трогнати од ова дело како што бев јас додека го создавав за луѓето од сите земји на овој свет, во име на мирот и љубовта – додал уметникот.