Подготовките за гала-отворањето на 39-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во Центарот за култура во Битола, се при крајот.
– Градот веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот. За гала-отворањето на фестивалот на 22 септември ќе се одржи и перформанс во режија на познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќијевиќ – велат организаторите.
Објаснуваќи го концептот, тој ги поставува прашањата: „Што е филм? Сон, огледало во кое се огледува нашата есенција или забава? Најорганизираниот бизнис што го создаваат лудаци?“
Во перформансот учествуваат Јелена Јованова и Ивана Коцева, музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, пијано: Дуња Иванова, стихови: Јовица Ивановски, светло: Илија Тарчуговски, костимографка е Лидија Георгиева.
По свеченото отворање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи, а веднаш потоа, во чест на годинашниот лауреат на „златна камера 300“, оскаровецот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“.