Патувачкото кино на „Македокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во
текот на четири викенди во јуни, јули и септември. Во првата половина од годинашните патешествија се одржаа проекции во Кратово, село Шлегово и две во градот под Исарот – Штип.

– Морам да кажам дека чувството на екипата на Патувачкото кино по првите два викенди е одлично! Се чувствуваме како да сме се вратиле во нормала. Проекциите беа полни, публиката задоволна, а ние уште повеќе. Со нас на проекцијата во Штип имавме присутна филмска екипа од прикажаниот документарен филм „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Потер Мицевски. Покрај него, присутни беа и продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев. Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава. Се надеваме дека овој викенд во Кочани и последниот во септември во Виница ќе поминат исто толку добро колку и првите два – истакна
Сара Феро од екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“.

Иако негови филмови веќе биле прикажувани како дел од филмската програма на фестивалот и на Патувачкото кино, авторот, документарист и режисер, Сашко Потер Мицевски, првпат присуствуваше на вечерна филмска сесија под отворено небо со „МакеДокс“ во родниот Штип.

– Беше исклучително задоволство да се биде присутен на Патувачкото кино на „Македокс“ како автор на краткометражен филм што активно се прикажува на истото. Документарниот филм „Сите ќе умреме“ е снимен во Штип, со урбан штипски лик и беше многу возбудливо да биде презентиран пред штипската јавност, која со многу возбуда го пречека тимот на „МакеДокс“. Зоки, главниот протагонист на филмот, и дел од авторската екипа беа присутни на проекцијата, каде што публиката имаше можност да чуе збор-два за филмот. Најтешко е кога дело се презентира пред свои луѓе, тие се најголем репер за твојот личен успех и најголем мотив за пробивање на границите. Штип мене лично ми беше инспирација за два документарни филмови и ќе остане долго присутен во моите идни дела. Тој нуди магични ликови, надреални приказни и уникатен хумор, што и тоа како му недостига на македонскиот филм – изјави Сашко Потер Мицевски.

Следна дестинации на 12. Патувачко кино на „МакеДокс“ се оризовите полиња во Кочанско, односно Кочани (9 јули) и село Оризари (10 јули).

Проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.

Патувачкото кино на „Македокс 2021“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „Македокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Лице в лице.

На јутјуб-каналот на „Македокс“ можете да ги проследите видео хрониките од
Кратово и Шлегово, како и од Штип.

Протокол за публиката:
– Задолжителна дезинфекција на раце, на влез, за секој посетител;
– Задолжително мерење на температура на влез, за секој посетител.