Угледниот полски режисер и оскаровец Павел Павликовски зборуваше за својата долга и интимна врска со Сараево, за својата средба со Емир Кустурица, филмот „Српска епика“, документарците, филмските елементи, ликови и историја… на неодамнешниот Саревски филмски фестивал.
– Сараево е во мојата глава, дел од мојата ментална мапа – рече Павликовски.
Авторот на филмовите „Моето лето на љубовта“, „Последното засолниште“, „Ида“, Студената војна“ и други, кој долго живееше во Британија, откри дека Сараево го фасцинира како „метафора за многу работи: за историјата, за средбата на три етницитети, религии, социјализмот… и сето тоа на толку мало место“.
Полскиот режисер Павел Павликовски го има освоено „оскарот“ за странски филм за првенецот „Ида“, а годинава беше номиниран и за своето второ остварување, црно-белата драма „Студена војна“. Инспириран од турбулентното минато на своите родители, Павликовски го сними филмот сместен во 1950-тите години и ја следи жената што се приклучува на патувачка група музичари. Таа почнува страсна и насилна романса со диригентот. Приказната се протега низ времето и неколку земји, додека тие двајцата сфаќаат дека никако не можат да се разделат. „Студена војна“ досега ја освои наградата за режија во Кан, како и пет европски „оскари“ (филм, режија, сценарио, актерка, монтажа).
– Заминав од Полска на 14 години, се најдов во странска земја, чиј јазик не го зборував, тоа е нешто што останува во тебе – вели Павликовски за темата на егзилот за која зборува во последниот филм.
На прашањето зошто „Студена војна“ завршува така како што завршува, болно трагично, тој одговори дека тоа за него било „најсреќниот крај што можел да го смисли“.