Американскиот режисер Мартин Скорсезе и австралиската глумица Кејт Бланшет, синоќа го прогласија за отворен 71. Филмски фестивал во Кан.
– Ние ја споделуваме страста кон кинематографијата, сите сме овде, за да ја славиме седмата уметност – истакна режисерот на „Таксист” и „Починатите“, кој заедно со Бланшет официјално го отворија фестивалот, кој ќе трае 12 дена.
Скорсезе ја доби специјалната награда „Златна кочија” за неговата „смелост и решителност во режирањето и продукцијата“. Оваа награда се врачува на самото отворање на свеченоста, почнувајќи од 2002 година.
Новитет на годинешниот фестивал, меѓу другото, е и тоа што е отворена „жешка линија“ за пријавување на сексуално злоставување и вознемирување, што ќе биде и една од темите за дискусија на фестивалот.
Бланшет годинава е претседателка на жирито составено од девет члена. Покрај неа, во жирито се и француската глумица Леа Сеиду, режисерот Робер Гедигјан, како и Американките Кристен Стјуарт, режисерката Ава Дуверне, канадскиот режисер Дени Вилнев и рускиот режисер Андреј Звјагинцев.
„Златната палма“ за најдобар филм ќе биде врачена на 19 мај. За оваа награда се борат 21 филм.