Димитар Башевски

Рецензија

Томислав Османли

Димитар Башевски, еден од нашите најистакнати писатели, не само кај нас туку и пошироко, афирмиран романсиер, раскажувач, поет, на книжевната публика, сега одново, ѝ предлага една особена книга. Се работи за писма есеи, објавувани во текот на месеците на пандемијата кога, затрупани од дневните непријатни вести за вирусот и вести од дневнополитичка природа, авторот сакал да го сврти вниманието на публиката кон други, сосем поразлични теми, и, макар за кратко, да ги оддалечи читателите од преокупираноста со епидемијата, кон нешта потрајни, повозвишени и поблагородни од болеста што, во нови, позастрашувачки и потрагични плими, не престанува сѐ поопасно, веќе судбоносно да го преплавува светот. Овој ракопис, поттикнат од една стихија, неа самата – директно неспомната – на елиптички начин неа ја содржи, длабоко во себе.

Во тој контекст, накратко речено, се настанати овие писма на Димитар Башевски, исполнети до крепок дух и со размисли за суштествените нешта, родени среде ковид-изолацијата, која сѐ пожестоко нѐ изолира еден од друг и на тој начин нѐ одвојува од нашиот социјален бит, но и сѐ подраматично, егзистенцијално нѐ погодува сите и нѐ тера да создаваме паралелни форми на кореспонденции, главно телефонски и други електронски симулакруми од комуникации… Од друга страна, рефлексивните и креативни автори како него – ги мотивира на создавање нови книжевни творби – и форми. Башевски во својот книжевен карантин создава писмени обраќања и со тоа уште повеќе ја нагласува – притоа во нив и мисловно ја проблематизира – драмата на дискомуникацијата присушта на ова бизарно, отуѓено, изолирано, застрашено, автопротекционистичко, егоизирано… совремие осудено на роеви од човечки самувања, и на генерална човечка самотност.

Писмата што Башевски ги објавува во својата најнова книга се пишувани во текот на месеците март, април и мај 2020 година, кога пандемијата на коронавирусот ги имаше својот прв удар и неочекувано ширење, но и првите драматични и трагични пројави… Авторските епистоли се вид отворени писма пишувани во време на затвореност, изолација, кога мислата се фокусира на суштествени теми. Тоа се текстови од длабоки рефлексии и интересни сеќавања, адресирани до колеги писатели и пријатели од други професии, познати, некои и знаменити личности во кои нашиот книжевен адресант промислува и расправа за феномени и за теми поврзани со книжевноста, но и пошироко, од суштествените слоеви и значења животот.

Епистолариката, еден од најстарите лични, филозофски, заветни, политички, славенички, полемички и особено – литературни жанрови, во нашава средина има скромна традиција на еден грст, бездруго слично на ова, длабоко промислени, но поединечни обраќања. Епидемиската епистоларија е еден особен подвид книжевни творби, таа може да соопштува различни теми, да има епонимни адресанти и постојни, но дури и имагинарни адресати; таа може да создава книжевни дела и да придвижува цели креативни светови во малата форма… но она што тој подвид неизоставно и најдлабоко го комуницира е егзистенцијалната осаменост на човека, само драстично пројавена и потврдена во времиња на изолации. Оттука епидемијата е состојба, метафора, но и филозофска состојба на пишувачот на промислени карантински писма…

Објавувањето ваков вид книжевни и есеистички обраќања од една личност по пат на отворени писма се пројавува како оригинален творечки чин. Во таа смисла книгата епистоли од Димитар Башевски е оригинален, пионерски креативен зафат. За нивното организирање во овој деликатен ракопис, делови од кој – испратени на моја адреса по електронска пошта – имав привилегија да читам додека се пишуваа и се вградуваа во книгата „Писма од карантин“, соопштуваше нивниот автор, поттикот дошол од негови колеги по перо, кои сметале дека една книга со вакви текстови писма, освен како расправи, како продлабочени размисли над судбината на човекот во отуѓениот свет, како филигрански есеи фокусирани на одредени теми, би била и сведоштво за едно време, за деновите во кои, како што вели Димитар Башевски – сме седеле сами зад прозорец и сме гледале во пустите улици, многумина од нас соочени дури и со депресија поради наметнатата затвореност…

Накусо, со својот најнов ракопис, книгата „Писма од карантин“, Димитар Башевски го иницира жанрот на книжевно-есеистички, книжевно-критички и филозофски писма, каков што досега не се пројавил во нашата средина, барем не во објавени книги, додека тој литературен вид, во културите и книжевностите во светот, бележи многувековни традиции, од антиката, па до денес. Со „Писмата од карантин“ и ние се придружуваме на тие книжевни традиции и затоа овој ракопис му се предлага на читателот, за тивки и длабоки прочити и рефлексии во доба на стихијата на самотноста.