„Зад виножитото“ е насловот на изложбата на уметнички дела од Калина Брајковска што е отворена во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Изложбата тематски е продолжение на нејзината претходна одржана во Младинскиот културен центар во Скопје со наслов ,,Радост на живеењето“ на која беа претставени 16 дела масло на платно.
Неоекспресионистичкиот стил и силните бои се дел од карактеристиките на изразот на Калина Брајковска. Таа ужива во платната со големи димензии каде што го претставува својот бескрај.
Калина Брајковска дипломирала на Филозофскиот факултет на отсекот историја на уметност со археологија, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ банка, дизајн на парчиња облека на Неделата на дизајн во „Куршумли-ан“, изложба во фоајето на МКЦ, изложба на Саемот за дизајн во Торино, самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар и самостојна изложба во кафе-галеријата „Концепт 37“.