Добитник на првата награда за карикатура е Белом Жан-Лоик од Франција, Лука Лагатор од Црна Гора е првонаграден за сатиричен цртеж, додека Ратко Маричиќ од Хрватска е добитник на првата награда за стрип
На изложбата на 50-то издание на „Светската галерија на карикатури“, во организација на „Остен“, отворена завчеравечер во Музејот на градот Скопје се презентирани 792 дела од годинашните учесници, 208 карикатуристи од 50 земји во светот.
Добитник на првата награда за карикатура е Белом Жан-Лоик од Франција, Лука Лагатор од Црна Гора е првонаграден за сатиричен цртеж, додека Ратко Маричиќ од Хрватска е добитник на првата награда за стрип. Наградата „Македонски карикатурист на годината“, му припадна на Блаже Докулески. Добитници на посебни награди се: Дарко Дрљевиќ од Црна Гора, Џовани Кури од Италија, Катаржина Кузиор од Полска, Златко Крстевски од Македонија, Константин Сунерберг од Белгија, Сергеј Семендјаев од Украина, Јитет Кустана од Индонезија и Михел Моро Гомез од Куба.
Првата селекција на учесници на 50-та „Светска галерија на карикатури“ ја направи познатиот карикатурист од Турција Ердоган Басол, кој беше и член на жири, а другите членови на интернационалното жири, кое одлучуваше за наградите се: Ан Телнес од САД (уредник-карикатурист на „Вашингтон пост“), Мостафа Рамезани, Иран/Франција (карикатурист и графички дизајнер), Владимир Казаневски од Украина (карикатурист и предавач по теорија на уметноста на карикатурата) и Мице Јанкуловски од Македонија (уметник, карикатурист и претставник од „Остен“).
– „Светската галерија на карикатури“ и овој пат ги обедини уметноста, хуморот и интелигенцијата од целиот свет, изразена преку цртеж. Доследни на својата заложба за поттикнување на уметноста на хартија, како и секоја година, основен критериум за учество на „Светската галерија на карикатури“ беше учество со оригинални, рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови. Карикатуристите од целиот свет ја поздравуваат оваа наша заложба и ги препознаваат нашите напори за поттикнување вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите, па одѕивот беше исклучително голем – велат од „Остен“.
Оваа јубилејна изложба, на која секој од карикатуристите се претставува со по едно свое дело, ќе може да се погледне до 10 јуни. К.Б.