Во основањето на форумот, чија главна мисија се зачувување, поддршка и користење на јазичните, книжевните и културните разноликости во Југоисточна Европа, учествуваа и македонските писатели Јордан Плевнеш и Катица Ќулавкова
Форум на балкански писатели е формиран во почетокот на месецов во Софија, а во рамките на програмата на основачката седница е промовирана книгата „Антологија на балканските писатели“ и отворена е изложба на илустрации на изданието „Ворлдс паблишинг хаус“. Во основањето на форумот учествуваат и македонските писатели Јордан Плевнеш и Катица Ќулавкова, а меѓу другите членови се: Предраг Бјелошевиќ, Христо Бојчев, Георги Галов, Захари Иванов, Здравка Евтимова, Надежда Чачиновиќ, Макис Тситас, Ерика Атханасиоу, Фахредин Шеху, Нико Стојанов, Милорад Поповиќ, Мирчеа Дан Дута, Бранко Ристиќ, Јеремија Лазаревиќ, Радомир Андриќ, Ахмет Емин Атасој, Хилми Хасал, Ана Багриана, Виктор Мелник…
Форумот на балкански писатели, како што се наведува, е непрофитна организација, чија главна мисија се зачувување, поддршка и користење на јазичните, книжевните и културните разноликости во Југоисточна Европа, со што би се подобриле и социјалната кохезија и благосостојбата на малите народи во регионот.
Освен тоа, форумот ќе дејствува како прогресивна сила што овозможува разноликост на народите и придвижувач на заедничките културни искуства во секојдневниот живот. Членовите на форумот се одлучни во тоа да ги користат најновите достигнувања во технологијата, да им ги приближат книжевните дела на читателите, правејќи ги достапни каде било, без оглед на јазичната бариера.
– Активностите на форумот на писатели на балканските земји ќе вклучуваат организација на состаноци, објавување книги (антологии, збирки, поединечни авторски книги и списанија), како и основање и доделување книжевни награди за кој било вид книжевна активност. Форумот, исто така, ќе организира и средби на писатели, фестивали, заеднички настани во балканските држави, Европската Унија и државите надвор од ЕУ – велат од Црногорското друштво на независни книжевници, чиј претседател Милорад Поповиќ е и еден од основачите на форумот на балкански писатели.
На основачката седница присуствуваа претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Косово, Македонија, Романија, Србија и Турција, како и претставници на дипломатскиот кор.