Врвен изведувачки артизам на солисти, префинети вокалитети и креативен сензибилитет донесе концертот на „Охридско лето“ на светски познатата оперска певица Инва Мула, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кои настапија во пијано-придружба на големиот пијанист и композитор Генц Тукичи. Импресивната изведба на оперските пејачи и пијанистот беше наградена со долги и бурни овации. Раскошниот глас на албанската сопранистка Инва Мула уште еднаш во Охрид ги потврди високите естетски позиции што ги има певицата во светот на класичната музика и ја воодушеви публиката од различни генерации. Мула порача да се приближи класичната музика до младите, но истовремено да се зачуваат и нејзините вредности.

– Ние уметниците мора да се приспособуваме и на младата публика, да најдеме начин како да им ја приближиме бидејќи светот на класичната музика е доста затворен. Она што се слушало пред 200-300 години морало да биде изведено до перфекција, до совршенство. Се разбира дека не сум поборник да се земе некое класично дело и да се изведе на комерцијален начин, бидејќи сметам дека на тој начин се губи вредноста на класичната музика. Сепак, мора да најдеме начин класичната музика да се приближи до младата публика. Таа нема трпение да ја следи класиката како што сме ја следеле ние и затоа мора да внимаваме како им ја приближуваме. Прв што ги отворил вратите класичната музика да се приближи до широката публика е Павароти. Ние сега треба да ги држиме тие врати отворени, а истовремено да ги зачуваме вредностите на класичната музика – вели сопранистката Инва Мула.

Македонската оперска певица Дешира Ахмети и нејзиниот колега, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кои со својата префинетост и совршено пеење брилјираа на концертниот подиум, најавија дека соработката со Мула ќе продолжи како и досега.
Шетајќи низ стариот дел на Охрид со туристичкиот водич на фестивалот, Мула се запозна и со уникатноста на градот, културата, историјата и традицијата на градот.
– Сум била пет-шест пати во Охрид, секогаш кога сум била овде сум чувствувала некоја посебна позитивна енергија. По оваа прошетка и сите овие факти и приказни, јасно ми е зошто сум се чувствувала толку посебно – вели Мула.

Воодушевен од старата охридска архитектура, древните цркви и синото Охридско Езеро беше и нејзиниот колега пијанистот Генц Тукичи, кој првпат го посети Охрид. Во прошетката низ стариот дел на Охрид ги придружуваше и познатата сопранистка Дешира Ахмети, која исто така уживаше во неповторливата убавина на тесните калдрми, белите автентични куќи и раскошот на средновековните цркви.