Издавачката куќа „Македоника литера“ го објави романот „Обител“ на рускиот писател Захар Прилепин, во превод од руски јазик на Ленче Тосева. Романот е награден со неколку книжевни награди, меѓу кои и со највисоката руска книжевна награда – „Бољшаја книга“.
„Обител“ е базиран врз вистински настани и расветлува една темна точка и раскажува една дотогаш нераскажана трагична приказна од времето на сталинизмот: Соловецкиот манастир, претворен во ужасен логор, во првиот гулаг. Прилепин го пишувал романот три-четири години, истражувајќи многу литература, архивски материјали, мемоари и досиеја на затвореници.
– Во руската култура постојат две традиции: трагична и херојска. Достоевски е трагична фигура, Толстој – херојска. Шаламов е трагична фигура, Солженицин – херојска. Прилепин точно ја следи херојската традиција. Прилепин е Големиот Стил. Никој не умее, но тој умее – напиша рускиот писател Андреј Рубанов за Захар Прилепин по објавувањето на „Обител“.
Романот е награден со „Бољшаја книга“, „Книга на годината“, со уште неколку национални и регионални награди, а беше финалист за „Руски букер“. Во 2016 година за него ја доби наградата на Владата на Русија од областа на културата. Во 2018 година почна да се снима филмска серија според мотиви од овој роман. По објавувањето на „Обител“,во руската литература Прилепин го сметаат за еден од најголемите писатели на модерното време.