Минативе денови во издание на Македонското културно друштво Македонија од Љубљана од печат излезе збирката (Не)пар / (Ne)par: Dvojezični izbor sveže makedonske literature, антологиски избор на младата македонска поезија.
Во изборот се вклучени вкупно 22 песни заедно со био-библиографски белешки од македонските поети: Јосип Коцев, Маријана Јанческа, Снежана Стојчевска, Катерина Гогова и Стефан Марковски.
Изборот е во превод на група преведувачи под менторство на Намита Субиото, македонистка од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Лара Миховиловиќ, професорка по македонски јазик, поетеса и преведувач.
Промоцијата на изборот (Не)пар… ќе се случи на почетокот од декември во рамки на манифестацијата „Прешерново оро“ во Крањ, Словенија.