Во Паркот на поезијата во Струга обновени се педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“. Во рамки на јубилејното издание досегашните бронзени плочки, кои, за жал, беа честа мета на кражби и вандалство, се заменети со плочки од композитен материјал со
метален слој.
На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата
биографија и неговата поезија.
– Во годините кога Струшките вечери одбележуваат 60-годишен јубилеј, со овој чекор сакавме да го вратиме Паркот на поезијата во фокусот на јавноста, да ја
потенцираме неговата вредност и уникатност, како и да ги искористиме современите технологии што секојдневно ги употребуваме за да ја промовираме поезијата и добитниците на „Златниот венец“. Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога – вели директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.
Годинешната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
– Секоја година, лауреатот на „Струшките вечери на поезијата“ засадува нова млада фиданка во Паркот на поезијата како жив споменик и залог за иднината. Секоја година стеблата нараснуваат за уште еден година, уште еден круг. Нивните разлистени крошни се извишуваат кон бесконечноста и прават свод што Паркот го престорува во Храм на поезијата. Среде имињата на лауреатите, низ шумолењето на лисјата можеме да ги чуеме нивните возвишени стихови. Почетокот е пред 60 години, продложетокот е некаде во вечноста – стои во мотото на фестивалот.